По донесената наредба за спроведување на истражна постапка, седуммина припадници на таканаречената група од Гази Баба, осомничени во предметот „Планина“, го признаа извршувањето на кривичното дело за кое се товарат.
Врз основа на признание на вина, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција склучи Предлог -спогодби со осомничените. Судијата на претходна постапка при Основиот кривичен суд – Скопје ги прифати Предлог – спогодбите и ги огласи за виновни за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори сите седум обвинети. Со пресуда на обвинетите им е изречена казна затвор во која се пресметува и времето поминато во притвор и тоа: на осомничените А.Р. (31) и Е.С.(25) во траење од четири години и шест месеци; на осомничениот А.И.(20) во траење од четири години и на осомничените С.И. (22), А.К.Б.(19), Ф.А.(20) и Р.И.(21) во траење од три години.
„Во периодот од месец март 2020 година до месец март 2021 година сега осудените како повеќе лица, со умисла, се здружиле за вршење на кривични дела со преземање на временски меѓусебно поврзани дејствија. Искористувајќи исти прилики и други слични околности тие повеќекратно неовластено набавувале, држеле и продавале наркотична дрога и психотропни супстанции. А.Р. и Е.С. во повеќе наврати неовластено набавиле наркотичната дрога од НН лица, па откако кратко време ја држеле кај себе, ја предавале на чување на А.И., С.И., А.К.Б. и Ф.А. кои вршеле неовластена продажба. А.Р., Е.С. и А.И. имале воспоставени контакти со купувачи на подрачје на Градот Скопје и договорената количина и вид на наркотична дрога соодветно спакувана ја предавале на купувачите, а остварената корист од неовластената продажба во договорени делови меѓусебно ја распределувале“, соопшти Обвинителството.
Обвинетите се упатени на издржување на изречената казна, за двајца осомничени предметот е отстапен на надлежно постапување во ОЈО Скопје, а за останатите од групата во Грчец истражната постапка е во тек.