Почна судењето за Плацови на Водно: Адвокатот на Камчев тврди дека тој е во лоша здравствена состојба – ММС
ММС

Објавено на: 07/16/21 12:35 PM

Почна судењето за Плацови на Водно: Адвокатот на Камчев тврди дека тој е во лоша здравствена состојба

Во Кривичниот суд во Скопје почна судењето за предметот Плацови на Водно, во кој првообвинет е поранешниот премиер, Никола Груевски. Покрај него, обвинети се и неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев, неговата мајка, Ратка Камчева и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Груевски се товари за перење пари и противправно стекнување и прикривање имот, Камчев, неговата мајка, Новачевски и Јосифовиќ за перење пари, а Мијалков пак, за помагање во ова дело.

Според неговиот адвокат, Ѕвонко Давидовиќ обвинението нема ниту правна ниту човечка логика.

„Ние не сме должни да докажуваме невиност, но во овој случај ќе докажуваме дека она што го тврди Обвинителството е апсурдно, второ – нема ни законски елементи на битието на кривичното дело, ниту елементи на вина“, посочи тој во изјавата за медиумите. Тој реагираше дека обвинението е исконструирано по однос на неговиот клиент.

-Перење на пари е последица на едно друго кривично дело кое мора да му претходи. Обвинителството ниту го утврдува нити го предлага, па зборувам за мојот клиент Сашо Мијалков, не може да ја докаже неговата умисла дека некој друг незаконито стекнал пари од партија па му помогнал на тој начин што му предложил офшор компанија.  Онака како што е напишано обвинението, воопшто не соодветствува на законското битие на кривичното дело „перење пари“ – истакна Давидовиќ забележувајќи дека обвинителството не и’ дало на одбраната увид во доказите.

Адвокатот на Камчев пак, Еленко Миланов изјави дека обвинетиот бизнисмен нема вина, а тоа како што рече, го потврдува и веќе изготвеното вештачење. Тој апелираше до сите институции дека здравствената состојба на Камчев, кој издржува притвор во Шуто Оризари, не е добра .

„За здравствената состојба на господинот Камчев доставивме обемна здравствена документација од четири институции и од безмалку сите кардиоваскуларни стручњаци во Македонија, кои укажуваат на висок ризик од условите во кои се наоѓа. Тоа може да има страшни последици по неговото здравје“, додаде Миланов.

Обвинението го застапува обвинителката, Лиле Стефанова која во воведните зборови на денешното рочиште посочи дека обвинетите со умисла ги презеле сите дејствија на извршување кои се опишани во обвинителниот акт.

„За секое дејствие кое е наведено во актот, за секој факт кој го тврдиме ќе изведеме докази. Материјалните ќе ги презентирам јавно, вербалните ќе ги слушнеме сите и на крај, верувам дека без никакво сомнение ќе се утврди фактичката состојба“, додаде таа.

Според обвинението, во периодот од 2006 до 2012 година Груевски како тогашен лидер на ВМРО-ДПМНЕ присвоил сума од 1,3 милиони евра – пари кои биле давани како донации за партијата. Сепак, тој не ги прикажал како такви и купил земјиште на Водно.

Мијалков, според обвинението, стапува во контакт со сега обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и се договорил оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето. На домашната фирма, управител станува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски – пренесува новинската агенција МИА.

Откако била постигната согласност за купопродажната цена, според обвинението, во повеќе наврати на девизната сметка на скопската фирма, преку сметката на фирмата од Белизе парите се пуштаат во оптек, а Новачевски во својство на управител на фирмата со сопствениците на земјиштето потпишува договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 квадратни метри и за тоа плаќа 1,2 милиони евра. Во 2015 година се менува ГУП на Град Скопје, овие парцели се пренаменуваат во градежни, а и уделот на фирмата од Белизе се пренесува на име на Јордан Камчев и неговата мајка, Ратка Камчева, а плацовите се делат на три дела.

Освен ова, Груевски, според обвинението, како службено лице со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој ги надминува неговите приходи пријавени во анкетниот лист, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Новачевски. Па така, тој во анкетниот лист за имотната состојба не пријавил два стана во Скопје со површина од 38 и од 57 квадратни метри, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2.729 квадратни метри и две градежни парцели во Крушево.

 

В. Ми