Зошто не може да поевтини зелениот картон и зошто е еден од најскапите во регионот? Бесплатниот роаминг ги подгреа надежите на возачите – ММС
ММС

Објавено на: 07/16/21 1:02 PM

Зошто не може да поевтини зелениот картон и зошто е еден од најскапите во регионот? Бесплатниот роаминг ги подгреа надежите на возачите

Бесплатниот роаминг кој стартуваше од 1 јули и важи додека се патува во земјите од Западен Балкан ги подгреа надежите на патниците дека по истиот принцип можат да добијат намалување на цените на осигурителните услуги, посебно за зелениот картон, кој е еден од најскапите во регионот и кој е неопходен документ за секое возило што излегува надвор од нашите граници.

Зелениот картон како инструмент за осигурување на возилото е гаранција дека доколку сопственикот на зелениот картон при учество во сообраќајна несреќа или несреќа во странство, предивика штета, таа ќе биде целосно покриена од осигурителната компанија.

Во Македонија, цената на зелен картон на патничко возило до 66 киловати на годишно ниво е 3.690 денари, а за над 66 киловати за една година е 5.536 денари. На месечно ниво, цената за патничко возило до 66 киловати е 1.850 денари, а за возило над 66 киловати e 3.075 денари. Цената за товарните возила и за автобусите е 17.222 денари.

„Ние сме една од последните земји што имаат регулирана цена односно вредноста ја утврдува Владата врз основа на предлог на Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија за осигурување (АСО). Во суштина цената на осигурувањето треба да ја формира секое друштво за осигурување самостојно, бидејќи друштвото за осигурување е одговорно да исплати штета ако настане ризикот кој е превземен во осигурувањето“, велат за ММС од Агенцијата за супервизија на осигурување чија работа е постојано да врши контрола дали осигурителните компании се солвентни и ликвидни, односно дали располагаат со доволно средства да ги исполнат сите обврски.

За да се стигне воопшто до темата да се разговара за намалување на цената на зелениот картон и осигурувањето, потребно е јавноста да знае зошто ние имаме поскапи услуги од некои земји, споредено со Бугарија, земја која има една од најевтините зелени картони. Во поголемиот дел од земјите од регионот, вклучително и Бугарија, неговата цена е околу 10 евра до 20 евра, со тоа што е споен со домашното автоосигурување и се добива при самата регистрација на возилото.

„Статистичките податоци покажуваат дека просечниот исплатен износ по една штета во странство е многу повисок отколку просечниот исплатен износ во нашата земја, што укажува дека ризикот е повисок доколку патуваме во странство. При тоа зелениот картон им гарантира на нашите возачи во странство дека им е покриен ризикот од штета доколку тие се виновни и предизвикаат сообраќајна несреќа или незгода. Оттука друштвата за осигурување наплаќаат дополнителна премија – зелена карта за да обезбедат покритие на оние кои патуваат во странство со своето моторно возило“, велат од АСО.

Земјите од Западен Балкан се претставени преку националните бироа за осигурување во однос на правата и обврските на договорувачите на осигурување за прекуграничното користење на моторните возила или зелен картон, а кои произлегуваат од осигирувањето од автомобилска одговорност.

„ Нашата земја е една од ретките чие Национално биро за осигурување не е потписник на мултилатералниот договор на земјите членки потписнички на системот на зелена карта, според кој договор важечките регистарски таблички претставуваат доказ дека мотoрното возило кое ја минува границата има валидно осигурување од одговорност за штети предизвикани на трети лица во сообраќајот.

-Ние ова прашање редовно го упатуваме пред Националното биро за осигурување и бараме поголема вклученост и иницијативи, а се со цел олеснување на разбирањето и користењето на осигурувањето од страна на сите корисници на моторни возила кои патуваат надвор од границите на нашата земја од различни причини било тоа да се деловни или туристички патувања или моторното возило се користи за превоз на роба и слично“, велат од Агенцијата за супервизија.

Бидејќи Националното биро од Македонија не е потписник на мултилатералниот договор, тешко ќе биде да се договори било какво олеснување какво што беше случајот со намалувањето на цените на роамингот.

Од АСО информираа дека не може да се воведе законска можност за граѓаните кои поради пандемијата не го искористиле зелениот картон кој им важел една година.

„Генерално осигурувањето функционира на начин што договорувачот на осигурување од одговорност за штети предизвикани на трети лица нема право на поврат на премијата доколку на крај на осигурениот период не се случил ризикот – немало штета“, додадоа од АСО.

Македонските осигурителни компании годишно издаваат помеѓу 100.000 и 130.000 зелени осигурителни картони.

Орце Костов

Фото: Вангел Тануровски