Нова трагедија во Скопје! „Ауди А5“ усмрти млада жена во населбата Железара – ММС
ММС

Објавено на: 07/15/21 1:02 PM

Нова трагедија во Скопје! „Ауди А5“ усмрти млада жена во населбата Железара

Вчера во Скопје се случи уште една трагедија, во која животот го загуби жена на 45 години. Сообраќајката, во која животот го загуби скопјанката Биљана Зафироска, е потврдена и од МВР.

-На 14.07.2021 во 16.40 часот било пријавено дека во Скопје, на крстосницата од ул.„Коце Металец“ и сервисна улица, патничко возило „ауди А5“, со скопски регистарски ознаки, управувано од И.С.(46) од Скопје удрило во пешакот Б.З.(45) од Скопје. На местото на незгодата починала Б.З. Смрт констатирал лекар, а извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје, информираат од МВР.

Набргу по несреќата нејзини пријатели почнаа да се простуваат од Биљана, која е мајка на две дечиња.

„ Почивај во мир, мила моја другарке! Се друго што ќе напишам е малку за загубата што ја доживеавме со оваа прерана смрт“, „Голема трагедија, ја прегази на пешачки несовесен возач“, „Тажно млада жена. Премногу луѓе изгубивме“..,се само дел од тажните коментари со кои познати и непознати се простуваат од Биљана..

Од почетокот на неделава, од понеделник до денес ова е втора жртва. Пред само два дена животот го загуби и скопјанецот Б.Љ.(54), кој беше прегазен на пешачкиот премин на булеварот „Кочо Рацин“.  За разлика од Биљана, која животот го загубила на лице место на незгодата, скопјанецот (Б.Љ) со возило на брзата помош беше Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, но од лекар била само констатирана смрт.

МВР секојдневно информира за тоа колку акции се спроведени во текот на едно деноноќие и колку несовесни возачи се казнети. Во денешната информација од МВР велат:

-Во текот на вчерашниот ден Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 378 возачи. Од нив, 38 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а три возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта, соопшуваат од МВР.