Напаѓачот на Челзи и француската репрезентација, Оливие Жиру, го менува Лондон за Милано и до крајот на неделата ќе стане нов играч на Милан. Како што пренесува „Sky Sports“, освојувачот на Лигата на шампионите и Европа лига со Челзи, вечерва ќе патува за Италија во пресрет на медицинските прегледи утре наутро.
Некогашниот првак на Франција со екипата на Монпеље, става потпис на двегодишен договор вреден 3.5 милиони евра, а „росонерите“ на „сините“ од Лондон ќе мора да им исплатат вкупно два милиони евра за неговите услуги.
Откако во јануарскиот преоден во сезоната 2017/18 од ривалот Арсенал премина во Челзи, Жиру се покажа како полн погодок во многу важни натпревари во сите конкуренции, забележувајќи 39 погодоци.
Триесет и тригодишниот напаѓач беше инструментален и во походот кон втората титула на екипата од западен Лондон во Лигата на шампионите, постигнувајќи четири голови против Севиља во групната фаза и „ножички“ против Атлетико Мадрид во 1/8 финалето.
Фото:
footballtransfers.com