Газдите кон градежните работниците треба да се однесуваат човечки и да ги заштитат – Како до побезбедна работна средина со претседателот на МЗЗПР, Милан Петковски – ММС
ММС

Објавено на: 07/15/21 10:00 AM

Газдите кон градежните работниците треба да се однесуваат човечки и да ги заштитат – Како до побезбедна работна средина со претседателот на МЗЗПР, Милан Петковски

Деновиве температурите во земјава се искачија до речиси 40-от степен, а лекарите повторно ги упатуваат апелите вообичаени за овој период од годината – да не се излегува доколку не е неопходно и да се консумираат што повеќе течности. Меѓу оние кои сепак, не се во можност да останат на затворено во климатизиран простор се и градежните работници печалејќи го лебот под интензивните сончеви зраци на екстремни температури.  Токму за нивниот работен процес и за неговата безбедност, ММС разговараше со првиот човек на Македонското здружение за безбедност и заштита при работа, Милан Петковски.

„Секогаш мора да бидеме свесни за опасностите кои ни доаѓаат непосредно од работната средина. Така е и со сончевото зрачење кое се зголемува во текот на летните денови. Гледаме дека и преку медиумите лекарите не‘ предупредуваат за интензитетот на УВ зрачењето. Работодавачите кои го организираат работниот процес се обврзани односно задолжени да организираат здрава и безбедна работна средина, вклучувајќи ги тука и градежните работници“, вели Петковски.

Тој констатира дека дел од работодавачите максимално ги почитуваат препораките па обезбедуваат доволно вода и сенка за своите работници, поставувајќи тенди на местото каде тие градат. За разлика од нив, дел од работодавачите во работниот процес не го имплементираат она што е препорака од стручните лица, па и од надлежните институции.

-Работодавачите кон работниците треба да се однесуваат човечки и да не ги изложуваат на опасности како што е сончевото зрачење и екстремните темепратури. Од друга страна,  на ваков начин всушност го заштитуваат својот бизнис, бидејќи ако колабира некој работник, работата макар делумно, ќе стагнира – додава Петковски.

Според него, секој работник кој ќе се повреди или разболи на работното место претставува незаменлив  елемент во понатамошното функционирање на самото негово претпријатие.

Претседателот на МЗЗПР порачува работата на отворено да не се одвива од 11 до 17 часот, но работодавачот сепак да направи проценка на ризик и доколку утврди дека може, да ја организира работата на начин на кој работниците нема директно да бидат изложени на сонце.

„Можеби топлината е онаа која директно ја чувствуваме, таа предизвикува дискомфор, но она што највеќе предизвикува е делот со интензивното ултравиолетово зрачење. УВ индексот е многу висок и доколку имаме гола кожа, изложеност на делови од телото како што се рацете, дури и кога не сме свесни може да изгориме и да се случат бемки на телото, или карцином на кожата.  Оваа работа не е едноставна, затоа апелирам мерките што треба да се преземат да бидат со разум“, потенцира Петковски.

Истовремено, ја нагласува важноста од внесување течности во организмот.

„Ако има работници кои работат под сенка, има еден друг елемент, а тоа се екстремните температури кои предизвикуваат потење, брзо губење на течностите.  Мерките се едноставни, умот треба да работи и секој од нас да преземе одговорност. Не можете да бидете неодговорни ако вие сте работодавач. Вие сте директно одговорни за создавање безбедни и здрави услови во вашето опкружување“, порачува Петковски.

Тој нагласува дека работодавачите се должни или да обезбедат флаширана вода за работниците или пак, да инсталираат чешма на градилиштето.

Подзаконски акти или нов Правилник за побезбедни работни средини

Со цел да се обезбедат поздрави работни средини, а компаниите подобро да ја разберат оваа проблематика, Здружението предлага подзаконски акт или пак донесување нов Правилник кој ќе се однесува на безбедноста при работа конкретно на екстремно високи или екстремно ниски темпертури.

„Ќе се обидеме овие препораки да им бидат водилка на самите работодавачи,  но и да им помогнат на самите инспектори. Доколку има отстапување во однос на температурите, црвени или портокалови зони, да имаат јасни препораки како законско решение да ги применуваат на лице место. Мислам дека со ова многу повеќе ќе им помогнеме на самите работодавачи и на самите вработени, а трета целна група ни е државата, односно оној репресивен механизам кој го имаат инспекторите.  Оние кои не ги следат препораките да бидат санкционирани“, вели Петковски за ММС.

Тој објаснува дека целта на оваа идеја е работодавачите да имаат јасни препораки за тоа кои чекори да ги преземат кога температурите се екстремни не само во летниот, туку и во зимскиот период.

„Ако зборуваме за работник кој работи во неклиматизирана просторија со умерена физичка работа, има варијабила дали работникот работи тешка физичка работа или канцелариска. Ние препорачуваме на таа температура од 25 до 29 степени, да се обезбеди одредена количина вода за пиење, а ако е над 30 да се пијат дополнителни количини на вода. Да се предупредат работниците за опасноста“, појаснува Петковски.

Со реализацијата на нивната идеја за која веќе се водат разговори со надлежните институции како МТСП и Држвниот инспекторат за труд, работодавачите ќе може да направат многу поконкретна проценка на ризик, а здравјето на работниците ќе го заштитува проценувајќи ги потенцијалните опсности.

Инаку, безбедноста и здравјето при работа во Македонија се регулирани со закон уште од 2007 година, а две години подоцна беше формиран Советот за безбедност и здравје при работа како експертско тело при Владата. Во моментот во ова тело членуват 15 члена, обезбедувајќи советодавни начела за подобро справување со предизвиците и проблемите поврзани со оваа област.

 

Вања Мицевска