На 26 јули пресуда за „Организаторите на 27 април“ – ММС
ММС

Објавено на: 07/14/21 7:28 PM

На 26 јули пресуда за „Организаторите на 27 април“

Пресудата за случајот „Организатори на 27 април“ ќе биде објавена на 26 јули од страна на Судечкиот совет од Основниот кривичен суд Скопје, предводен од судијата Илија Трпков.

Владимир Атанасовски и другите обвинети во предметот „Организатори на 27 април“, да бидат ослободени од обвинението бидејќи Обвинителството не докажа дека истите го сториле кривичното дело коешто им се става на товар, побара денеска Антонио Апостолски, бранител на обвинетиот Владимир Атанасов, поранешен директор на УБК, во своите завршни зборови до Судечкиот совет предводен од судијата Трпков. Апостолски истакна дека од ниту еден од доказите на кои се темели обвинителниот акт и кои беа изведени на главната расправа, не може да се утврди фактичката состојба наведена во истиот.

Според него, обвинението против Атанасовски, Обвинителството го темели врз изјавата на сведокот Александар Василевски-Нинџа.

– Се работи за сведок кој е дискредитиран од страна на одбраната и од самото Обвинителство, бидејќи на прашање на Обвинителството лажно сведочеше, а и на прашања во неколку случаи лажно сведочеше, рече Апостолски.

Бранителот Апостолски, во текот на своите завршни зборови изрази жалење зошто министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, не им дозволил на Ариф Асани, Борислав Богдановски, како нивни сведоци да изнесуваат класифицирани информации и податоци, односно на судот и на јавноста и било ускратено да се дознае вистинската улога на лицето Горан Живаљевиќ (српски разузнавач протеран од државата после 27 април), во нападот на Собранието.

– Владимир Атанасовски ги има преземено сите потребни дејствија како директор на УБК, пред, за време и по настаните на 27 април, рече адвокатот Апостолски, кој посочи дека на неговиот клиент му било оневозможено правото на одбрана, односно користење на информации од „27 април“ што се на ниво на службена и државна тајна.

– Одбраната тврди дека постојат докази во УБК за активностите и вмешаноста на Горан Живаљевиќ во врска со настаните од 27 април. Со поднесок одбраната достави редактиран извештај за сознанија за Горан Живаљевиќ, припадник на БИА, акредитиран офицер за врски во српската амбасада во Република Македонија, изјави адвокат Апостолски.

Обвинетиот Атанасовски, рече дека тој е обвинет од позиција на УБК, за тоа што го работел, односно од позиција на носител на сертификат на државна тајна и информации кои биле споделувани строго доверливо и државна тајна.

– Од друга страна правосудните органи не ми дозволуваат да се бранам со исто оружје. Јас ако би се бранел во овој случај затоа што ме теретите јас мора да споделувам класифицирани информации и да поднесувам класифицирани докази, рече обвинетиот Атанасовски. Тој исто така наведе дека ниту организирал, ниту на било кој начин придонесол да се случат настаните на 27 април.

За организацијата на настаните од 27 април 2017 година во Собранието, обвинети се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

МИА