Миа Блажевска Еминова има 16 години, ученичка е во средното училиште „Ѓорги Димитров“ и освен што е одлична ученичка, таа е и одлична пливачка. На свои четири години почнала да се занимава со пливање, а дека несомнено станува за неверојатен талент покажува и тоа што границата за тренирање поради Миа била поместена. Колку таа е талентирана зборува и фактот дека Миа е најмладата учесничка на Олимписките игри во Токио, каде ќе ја претставува Македонија. Во разговор за ММС Миа раскажа за нејзините почетици, за учеството на олимпијадата и за нејзините идни планови.
– Со пливање почнав да се занимавам уште од четири години во „Браќа Рибар“ кај Јасна и Весна. Кога мајка ми ме однесе, и рекоа дека сум многу мала и дека примале само од пет години. Ама останав првиот час. Потоа на мајка ми и рекоа да ме донесе и следен час. Кога ме видоа како пливам ја викнаа мајка ми и и рекоа дека ваков талент им се нема пријавено од 90-тата година. Рекоа и дека не сум за кај нив, па ме пратија да пливам кај Владо Антевски, кој тој тернираше поголеми деца. Почнав со Владо, а оттаму почнав да пливам во Борис Трајковски бидејќи во „Браќа Рибар“ базенот беше мал. И оттука почна мојата голгота. Валдо си замина. Мојот следен тренер беше Сотир Трајковски, а сега тренер ми е Илија Стојановски на кого сум многу благодарна. Пливав секој ден, одев и на базен и на училиште. Мајка ми по два часа ме чекаше на базен заедно со мојот брат кој е помал од мене. Сите мои другарки играа надвор а јас пливав, се присетува Блажевска на своите почетоци
Миа е веќе 12 години во базен и во ниту еден момент не помислила да се откаже од оваа страст, поради која сега е возбудена што ќе уествува на Олимпијадата. МИа на олимпискиот квалификациски турнир во Белград на 100 метри слободно постигна време од 57,13 секунди, и овој резултат ја доведе до Олимписките игри во Токио.
– Не сум свесна се уште што ми се случува, тремам имам како и секој натпревар , но се носам со тремата и предизвиците, ни кажа младата пливачка, која ќе се натпреварува под македонското знаме.
Таа е благодарна на своите родители за кои вели дека и се најголема поддршка во нејзината кариера. Затоа ја прашавме и нејзината мајка Маре Блажевска како се чувствува што нејзината ќерка толку млада, а веќе е учесник на најпрестижното спортско случување.
– Не може да се опише чувството како родители колку сме горди на Миа. Патот што и ние го издодевме со неа е долг, ама мислам дека се исплатеше. И ние како родители ќе ја поддржуваме во нејзините цели и понатаму, кажа гордата мајка која во оваа прилика сака да им се заблагодари на професорите за разбирањето.
-Многу труд вложува, како постигнува само таа знае. Оди на училиште, има тренизни два пати на ден, плус посетува теретана. Им благодарам на професорите за нивното разбирање кога мојата ќерка мораше некогаш и да отсуствува од наставата, додаде мајката.
Олимпијадата во Токио ќе се одржи овој месец, а Миа веќе има неколку понуди за кои размислува.
– Се надевам следно да заминам во Америка. Имам повеќе понуди на кои размислувам, но има време, пред се најважно е здравјето. Времето ќе покаже како ќе се одвива мојата кариера понатаму, додаде Миа.
Весна Петровска
Фото: Вангел Тануровски