Од куќата на зетот ќе се исфрлат трите пушки- Младоженците Катерина и Филип подготвени за Галичката свадба – ММС
ММС

Објавено на: 07/14/21 12:32 PM

Од куќата на зетот ќе се исфрлат трите пушки- Младоженците Катерина и Филип подготвени за Галичката свадба

По пауза од една година поради Ковид-19 пандемијата, претстојниот викенд ќе се одржи 47. Издание на манифестацијата „Галичка свадба“.

Судбоносното „да“ во живописниот Галичник ќе го кажат Катерина Илиевска и Филип Бундовски, кој е по потекло од Галичник и кој со години наназад учествувал во церемонијата, а годинава ја доби и главната улога на галички младоженец.

– Возбудени сме и многу сме среќни што ќе бидеме дел од оваа традиција. Јас имам галичко потекло и неколку години учествував во подготовката на свадбата, некогаш и како статист, некогаш како коњаник. Но, како стануваше посериозна нашата врска, се посигурен бев дека сакам да ја имам главната улога на најголемата манифестација – истакна Филип Бундовски.

Покровител на годинешната Галичка свадба е Претседателот Стево Пендаровски, а еден од традиционалните поддржувачи на манифестацијата и годинава е Министерството за култура.

„Галичка свадба е чувар на традицијата и наше драгоцено нематеријално културно наследство. Министерството за култура останува силен поддржувач и промотор на оваа манифестација која го збогатува и чува препознатливиот македонски фолклор“, изјави министерката за култура, Ирена Стефоска, упатувајќи честитки до годинешните галички младоженци, посакувајќи им среќен и долг заеднички живот.

Галичник е подготвен да им посака добредојде на сите посетители од земјава и странство кои ќе дојдат во Галичник и повторно ќе им се воодушевуваат на уникатните свадбарски обичаи и адети проследени со богатиот колорит на народни носии и изворните песни и ора карактеристични за мијачкиот крај.

„Ние сме многу среќни што се создадоа услови оваа година да продолжиме со оваа  вековна традиција на Мијаците, која секако зазема посебно место во богатото македонското културно наследство“, изјави Александар Костиќ од организацискиот тим на Месната заедница Галичник.

И оваа година, Пивара Скопје го продолжи традиционалното партнерство со манифестацијата, кое непрекинато трае веќе 47 години, од нејзините почетоци, до денеска. Покрај финансиска поддршка која има големо значење за одржување на континуитетот и високото ниво на Галичка свадба, компанијата традиционално обезбеди и пијалаци за учесниците во свадбeната церемонија.

Традиционално, официјалниот почеток на годинешната Галичка свадба ќе биде означен во сабота, на 17-ти јули, со поставување на свадбарското знаме и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Венчавањето на младенците ќе се изврши во недела, 18-ти јули, во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Галичник, а свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.

Според програмата на Галичка свадба, во петок ќе настапат групите Тоа е Тоа, Љубојна и БендОфф.

 

О.К.