Добар пласман, а зошто да не и некој златен медал – ова се очекувањата на македонските олимпијци пред патувањето за Токио – ММС
ММС

Објавено на: 07/14/21 12:33 PM

Добар пласман, а зошто да не и некој златен медал – ова се очекувањата на македонските олимпијци пред патувањето за Токио

Целта ми е да донесам медал, не само да учествувам. Одам на златен медал. Конкуренцијата е најголема, со добар дел од нив сум се борел и можам да победам било кој, изјави македонскиот знаменосец и олимпиец со остварена А норма во таеквондо, Дејан Георгиевски.

Останатите спортисти кои ќе настапуваат под македонско знаме во Јапонија, Токио, на одложената Олимпијада, веруваат дека ќе се претстават во добро светло и дека ќе се обидат да направат што е можно подобар пласман.

-Благодарност за поддршката и се надевам дека и понатаму ќе биде уште поголема. Првичната цел е остварена, се квалификував за Олимпијада и го победив олимпискиот шампион од Азербејџан за да обезбедам А норма. Целта ми е сега да донесам медал, не само да учествувам. Одам на златен медал. Конкуренцијата е најголема, 16-те најдобри ќе бидат таму. Сум се борел со нив, ме победувале, сум ги победувал. Можам да поразам било кого, рече Дејан Георгиевски.

Поради новите пропозиции, покрај Дејан Георгиевски потребно е знамето да го носи и спортистка од македонскиот олимписки тим, па поради тоа МОК ја предложил џудистката Арбреша Реџепи. Реџепи и Георгиевски први ќе продефилираат на големиот спортски собир под македонското знаме на отворањето на 23.јули.

Претставниците на Македонија на Олимписките игри овојпат нема да тргнат кон Јапонија екипно како вообичаено, туку во три групи. Четириесет и осум часа по настапот во своите категории, спортистите ќе мораат да го напуштат олимпиското село, објасни спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет, Владимир Богоевски.

-Првата група од шест спортисти патува за Токио во петок наутро. Пуликсенија Јовановска која во моментот се наоѓа на подготовски во Словачка, Братислава и Магомедгаџи Нуров, заедно со неговиот тренер ќе се упатат директно од Владивосток во Токио, откако ќе ги завршат последните подготовки. Во овие околности, шефот на делегацијата практично е доктор Настов. Од него зависат многу работи и тој е во постојан контакт со медицинските тимови во Токио. Мораме да го слушаме него и по неговите препораки да се однесуваме сите, вели Богоевски.

Тој додаде дека поради пандемијата на коронавирусот, спортистите ќе мора да пристигнат пет дена пред нивното појавување пред гледалиштето, додека пак во првите три дена секојдневно ќе се тестираат за Ковид-19.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, им посака среќа на спортистите во пресрет на Олимпијадата, изразувајќи надеж дека во следните години оваа бројка на натпреварувачи ќе расте и дека очекува најдобри резултати.

-Ние се потрудивме подготовките на спортистите да изгледаат европски, светски, да не им недостасува ништо. Се надевам дека тие се чувствуваат подготвено. Ова е сон на секој спортист, ние како ракометна репрезентација екипно не го достигнавме тоа, да настапиме на Олимпијада. Се надевам дека овој број ќе расте и очекуваме најдобри резултати. Остварената А норма на таеквондистот Георгиевски ни дава за право да очекуваме висок пласман, рече Мојсоски.

Македонија на Олимписките игри во Токио ќе ја претставуваат осум спортисти. Дејан Георгиевски – таеквондо, Миа Блажевска и Филип Дерковски – пливање, Јован Стојоски – атлетика, Арбреша Реџепи – џудо, Борјан Бранковски – стрелаштво (воздушен пиштол), Пуликсенија Јовановска (карате) и Магомедгаџи Нуров – борење.

Одложените Олимписки игри започнуваат на 23.јули и ќе траат до осми август годинава.

д.ј