На Северна Европа и се закануваат бури, а на Јужна пожари – ММС
ММС

Објавено на: 08/10/18 1:40 PM

На Северна Европа и се закануваат бури, а на Јужна пожари

Метеоролошките служби ширум Европа предупредуваат на опасност. Во северниот дел од континентот и во јужните делови на Франција во сила се предупредувања од ветришта и поплави, додека во Португалија пожарникарите се обидуваат да спречат повторно ширење на пожарот што уништи десетина куќи.

Властите во Португалија денеска соопштија дека по една недела ставен е под контрола големиот пожар во јужниот дел на земјата.

Португалската Агенција за цивилна заштита соопшти дека речиси 1.400 пожарникари и околу 450 возила распоредни на тоа подрачје спречиле повторно разгорување на огнот.

Во пожарот во португалскиот регион Алгарве повредени се 41 човек, меѓу кои еден потешко, а неколку десетини куќи целосно изгореа.

Директоратот за вода и енергија на Норвешка објави портокалов аларм во јужниот дел на земјата поради лизгање на земјиштето, бури и обилни врнежи од дожд. Бродските компании ширум Норвешка ја откажаа пловидбата поради можни силни ветрови.

Според прогнозите брегот на Северно Море ќе биде зафатен од силен ветер, а издадено е и предупредување и автомобилите да не преминуваат преку мостовите.

Поради бурата што вчера го погоди јужниот дел на Франција евакуирани се околу 1.600 луѓе од три региони.