Низа институционални слабости во менаџирањето со добиената нефинансиската помош за време на пандемијата, утврди ДЗР – ММС
ММС

Објавено на: 07/13/21 5:37 PM

Низа институционални слабости во менаџирањето со добиената нефинансиската помош за време на пандемијата, утврди ДЗР

Слабости и недоречености во делот на дефинирање на надлежностите на институциите инволвирани во процесот, неопфатеност на епидемиите со Законот за заштита и спасување, не дефинирани стратешки цели, недоволна кадровска екипираност и не воспоставена сметководствена евиденција на примените донации, како и потреба од воспоставување на процедури/протоколи и контроли во делот на приемот, распределбата и користењето на нефинансиската помош поврзана со превенција и заштита од пандемија и од можни идни здравствени кризи , утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР) при извршената ревизија на усогласеност на тема „Добивање на нефинансиска помош, распределба и користење од страна на институциите во јавниот сектор со цел превенција и заштита од пандемијата предизвикана од корона вирусот Ковид-19“.

Како што информира ДЗР, ревизијата се однесувала за периодот од 01 март до 30 ноември 2020 година, а одредени прашања и настани се опфатени и последователно до денот на известување од извршената ревизија.

– Пандемијата предизвикана од корона вирусот Ковид-19 ја зголеми потреба од медицински заштитни средства и медицинска опрема кај здравствениот систем поради што од страна на голем број физички и правни лица и странски донатори се доделени донации во вид на нефинансиска помош. По основ на примени донации, за периодот од 01.03.2020 година до 30.11.2020 година, Министерството за здравство (МЗ) има потпишано вкупно 75 договори за донација во вкупен износ од 83,4 милиони денари и 137 илјади евра, се наведува во соопштението.

ДЗР посочува дека за наведените донации МЗ има преземени активности за склучување на договори со донаторите, нивно евидентирање во табеларен преглед (примени и издадени потрошни материјали и средства за заштита, како и донирани и распределени возила), но нема воспоставено сметководствена евиденција што се должи на доставена некомплетна документација за евидентирање во сметководство.

– Покрај располагањето на резерви на медицински потрошен материјал за лична заштита во периодот пред отпочнувањето на пандемијата здравствениот систем бил опремен со 120 респиратори на ниво на РСМ кои се користат за лекување на пациенти заболени од Ковид-19. Меѓу добиената помош, за справување со последиците од вирусот Ковид-19 добиени се и 294 респиратори од странски и домашни донатори, информираат од ДЗР.

Во соопштението се посочува дека ревизијата утврдила оти Дирекцијата за заштита и спасување на РСМ (ДЗС) нема донесено нова Национална стратегија за заштита и спасување во периодот по 2018 година со акциски план во насока кон превенција, намалување на последиците и подготвеност на системот, што упатува на присуство на ризици во системот на заштита и спасување.

– Во 2017 година усвоен е План за подготвеност и одговор на здравствениот систем при справување со итни, кризни состојби и катастрофи, но од усвојување на планот до настанување на пандемијата не се презентирани извештаи за реализација на предвидените активности. Врз основа на Одлука на Влада, на ден 23.03.2020 година ДЗС го активира Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, со кој РСМ се поврзува со Европската мрежа за справување со катастрофи со што се овозможува пристап до ресурсите за справување со најразлични природни катастрофи или катастрофи предизвикани од човечки фактор. Преку меѓународниот механизам, ДЗС примила странски донации во вкупен износ од 65,5 милиони денари. За овие примени донации во вид на медицински заштитни материјали и опрема не е воспоставена материјална и сметководствена евиденција, се наведува во соопштението.

ДЗР посочува дека покрај пристигнатата помош од домашни правни и физички лица државата обезбедила донации и од повеќе странски меѓународни донатори, при што според податоците на Секретаријатот за европски прашања (СЕП), добиената нефинансиска помош од страна на странски меѓународни донатори изнесува 125,7 милиони денари.

– Констатиравме дека на национално ниво не е воспоставен механизам за континуирано проследување на информации од страна на буџетските корисници приматели на донации до СЕП за висината на примените донации и покрај законската обврска за вакво постапување. Отсуството на единствен централен систем за примање, следење и распределба на сите донации од странски донатори создаваат ризик од недостаток на целосни податоци и информации за добиените донации на државно ниво што може да влијае врз реалното утврдување на потребите и креирање на политики за постапување со донациите, се додава во соопштенето.

Во објавениот ревизорски извештај, во делот на кадровска екипираност кај надлежните институции е утврдено дека надлежните институции за извршување на активностите во делот на обезбедување и координација на меѓународната и домашната помош, организирање на прием, распределба и евидентирање на нефинансиската донација се соочуваат со недоволна кадровска екипираност.

– За потврдување на состојбите на примените донации наменети за справување на здравствениот систем со пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19, ревизијата достави прашалници до 23 Јавно здравствени установи (ЈЗУ) за утврдување на начинот на нивното користење и постапување, евидентирање и контрола врз истите од страна на здравствените установи. Министерството за здравство во насока на добивање на целосни и транспарентни податоци за состојбата со медицинската опрема со која располагаат ЈЗУ има воспоставено интегриран здравствен информатички систем, но дел од здравствените установи во целост не ги внесуваат податоците за добиена опрема како донација и покрај законската обврска да вршат нивна ажурна евиденција, посочуваат од ДЗР.

Ревизорите утврдиле дека од страна на одговорните лица во МЗ не се изготвени анализи за динамиката на ажурирањето на податоците во системот како основ за проценка на реалните потреби од донација по здравствените установи ЈЗУ немаат пишани процедури, насоки, протоколи или упатства со кои ќе се регулира начинот на прием и постапување со добиените донации на опрема и заштитни медицински средства за справување со вирусот Ковид-19 и надлежностите на одговорните лица вклучени во активностите.

– Ваквиот начин на постапување создава можност за затајување на контролните активности во делот на приемот, евидентирањето и распределбата на донациите односно со нивното управување во целост. РСМ има добиено донација на заштитна медицинска опрема од меѓународни донатори за борба против последиците од корона вирусот при што е утврдено дека недостасува дел од донираната опрема, посочуваат ревизорите.

Според ДЗР, отсуството на јасно утврдени одговорности на институциите вклучени во процесот на прием, управување (ускладиштување, чување, обезбедување) и контрола на странските донации за справување со последиците од Ковид-19 влијае врз можноста од несоодветно постапување и ненаменско користење на истите.

– Утврдивме дека информациите за добиените донации поврзани со Корона вирусот се делумно транспарентни и достапни за јавноста со тоа на веб страната на Владата на РСМ (https://finansiskatransparentnost.koronavirus.gov.mk) објавени се податоци за примени нефинансиски донации само за периодот од 16.03.2020 година заклучно со 28.05.2020 година. Поради наведеното заинтересираните страни и граѓаните немаат целосен увид во податоците за примените нефинансиски донации во државата наменети за справување со Ковид пандемијата, со податоци за донаторот, предметот на донација, финансиска вредност како и за намената на донацијата, се додава во соопштението на ДЗР.

МИА