Повеќе од 160 гробови на деца се пронајдени во подрачје што припаѓа на резиденцијално училиште во западната канадска провинција Британска Колумбија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Домородното племе Пенелакут од островот Купер на Јужните Заливски Острови во Британска Колумбија соопшти дека необележаните и недокументирани гробови биле пронајдени на местото на поранешното резиденцијално училиште на островот Купер, објави Канадската радиодифузна корпорација (CBC).
Веста за новооткриените гробови излезе на виделина откако племето им кажало на соседните домородни заедници од Првата нација за откривањето преку билтен објавен на интернет.
„Ве повикуваме да ни се придружите во нашата работа за подигање на свеста за индустриското училиште на островот Купер и за потврда на над 160 недокументирани и неозначени гробови на нашата земја и брегови“, јави „Си-би-си“, цитирајќи го известувањето.
Во него не се дадени повеќе детали за гробовите.
Според официјалните записи, училиштето работело на островот Купер, еден од Јужните Заливски Острови, од 1890 до 1970-тите години.
Веста доаѓа по другите откривања на необележани гробови на деца кои го ставаат во центарот на вниманието лошото постапување со домородните народи.
Во мај годинава пронајдени беа 215 гробови од Првата нација на местото на некогашното училиште во Камлоупс, Британска Колумбија.
Минатиот месец, 751 необележан гроб беа откриени во поранешното резиденцијално училиште во Мериевал, од страна на Првата нација во Саскачеван.
Додатно беа откриени 182 плитки необележани гробови во поранешното резиденцијално училиште „Сент Јуџин мишн“ близу Кранбрук, Британска Колумбија.
Околу 150.000 домородни деца се земени од нивните родители и се принудени да живеат во резиденцијалните училишта низ Канада, почнувајќи од 1890-тите години. Последното такво училиште е затворено во 1996 година.
Во многу случаи, децата во училиштата, каде што ја учеле културата на белците, биле тепани и сексуално злоупотребувани. Се проценува дека најмалку 4.000 деца починале.