Повторното отворање на училиштата не смее да чека – ММС
ММС

Објавено на: 07/13/21 11:18 AM

Повторното отворање на училиштата не смее да чека

Повторното отворање на училиштата не смее да чека. Сите училишта треба што поскоро да обезбедат настава со физичко присуство, без бариери за пристап и без да налагаат вакцинација пред да се влезе в училиште. Загубите што ќе ги претрпат децата и младите од неодењето на училиште никогаш нема да бидат надоместени, велат во заедничка изјава  извршниот директор на УНИЦЕФ Хенриета Фор и генералниот директор на УНЕСКО, Одри Азулај.

Училиштата треба последни да се затворат, а први пак да се отворат, порачуваат тие, посочувајќи дека по 18 месеци од почетокот на епидемијата на КОВИД-19, образованието за милиони деца сè уште е нарушено и дека заклучно со денеска, затворени се основни и средни училишта во 19 земји – факт што директно влијае на над 156 милиони ученици.

Првите луѓе на двете организации на ОН потсетуваат дека во напорите да го ограничат ширењето на пандемијата, владите најчесто ги затвораа училиштата и ги држеа затворени подолго време, дури и кога епидемиолошката состојба не го оправдуваше тоа. Ваквите постапки, велат во изјавата, честопати беа прво средство, наместо последна мерка. Во многу случаи училиштата беа затворени, додека баровите и рестораните остануваа отворени.

–Загубите што ќе ги претрпат децата и младите од неодењето на училиште никогаш нема да бидат надоместени. Почнувајќи од загуба на знаење, преку вознемиреност, изложеност на насилство и злоупотреба, па сè до пропуштени оброци и вакцинации во училиште или намален развој на социјални вештини, последиците по децата ќе се почувствуваат во нивните образовни резултати и општествен ангажман, како и по физичкото и менталното здравје. Често, најпогодени се децата во средини со недоволно средства, кои немаат пристап до алатки за далечинско учење, и најмалите деца кои се наоѓаат во клучните фази на развој, наведуваат во изјавата Фор и Азулај.

Загубите за родителите и за старателите се подеднакво големи, посочуваат претставниците на УНИЦЕФ и УНЕСКО, затоа што „чувањето на децата дома ги принудува родителите низ светот да ги напуштат работните места, особено во земјите без или со ограничена политика за семејно отсуство”.

– Токму затоа, повторното отворање на училиштата за настава со физичко присуство не смее да чека. Не смее да се чека случаите да стигнат до нула. Има јасни докази дека основните и средните училишта не се меѓу главните двигатели на ширењето. Во меѓувреме, ризикот од ширење на КОВИД-19 во училиштата може да се контролира со соодветни стратегии за ублажување во повеќето средини. Одлуката за отворање или затворање на училиштата треба да биде врз основа на анализа на ризикот и епидемиолошките согледувања во заедниците каде што се наоѓаат. Повторното отворање на училиштата не смее да чека да се вакцинираат сите наставници и ученици. Со оглед на тоа што општиот недостиг на вакцини ги мачи земјите со низок и среден приход, вакцинирањето на работниците од првите редови и оние во ризик од тешка болест и смрт ќе остане приоритет. Сите училишта треба што поскоро да обезбедат настава со физичко присуство, без бариери за пристап и без да налагаат вакцинација пред да се влезе в училиште, се наведува во заедничката изјава на извршниот директор на УНИЦЕФ и генералниот директор на УНЕСКО.

 

МИА