Вакцината Џонсон и Џонсон доби уште еден удар од Американската Управа за храна и лекови (ФДА), а требаше да биде важна алатка во вакцинирањето на жителите од тешко достапните подрачја и оние кои се спротивставуваат на имунизацијата за тоа што е потребна само една доза од вакцината.
ФДА издаде ново предупредување за вакцината Џонсон и Џонсон наведувајќи дека податоците сугерирале дека постои зголемен ризик од појава на ретко невролошко пореметување во шестата недела после вакцинирањето.
Во писмото до компанијата, ФДА наведе дека шансите за појава на Гиљан-Баре синдромот (ГБС) после вакцинирањето се многу мали, но додава дека оние кои ја примиле вакцината да побараат лекарска помош ако почувствуваат слабост, трнење, имаат потешкотии со движењето или гестикулациите.
Околу 12,8 милиони луѓе ја примија оваа вакцина во САД, а пријавени се 100 извештаи за ГБС-кодот кај вакцинирани пациенти, вклучувајќи 95 сериозни случаи кои барале хоспитализација и еден потврден смртен случај.
ГБС е ретка невролошка состојба во која имунолошкиот систем ја напаѓа заштитната обвивка на нервните влакна. Најголемиот дел од луѓето целосно се опоравуваат.
Оваа состојба и во минатото беше поврзувана со вакцинирањето, најмногу со кампањата на вакцинирање кога изби свинскиот грип во САД во 1976 година, а потоа и со вакцините кои се користеа во текот на пандемијата на грипот Х1Н1 во 2009 година.
Според соопштението од американскиот Центар за контрола и превенција на болеста (ЦДЦ), оваа нуспојава се појавувала најмногу кај мажите над 50-годишна возраст.
Извор: 24sata.hr