Водоснабдувањето ќе биде заштитено и ниту во еден момент нема да има застој на сообраќајот додека се гради „Бас рапид транзитот“, уверува градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
Тој во новата емисија „Жешко политичко лето“ на Канал 5 телевизија рече дека граѓаните не треба да бидат вознемирени, бидејќи трасата поминува над главната цевка за вода на булеварот „Партизанска“.
– Никој не треба да се грижи во оваа смисла. И водата, и водоснабдувањето, и главната цевка ќе биде заштитена и лесно достапна за евентуални дефекти. Досега не се случило на оваа цевка да има дефект, рече Шилегов.
Очекува градежните активности да траат околу една година и 13 месеци. Во овој период, како што нагласи, нема да има целосен застој на сообраќајот во овој дел, но можни се стеснувања на одредени места.
Нема да се сече ниту зеленилото, кое, како што посочи, ќе се мултиплицира.
– Сега има само еден дрворед, а тогаш ќе добиеме два дрвореда. Целосно ќе биде заштитено зеленилото и да не заборавиме дека ова е најеколошкиот проект што го има одобрено ЕБОР во последните 20 години кога е транспортот во прашање, подвлече Шилегов.
Според него, не би требало да поскапи билетот за возење со овој вид транспорт.
За критиките од опозицијата за овој проект, Шилегов рече дека таа критикува бидејќи нема конкретни решенија кои би ги понудила за проблемите во градот.
МИА