Френетичен почеток и солидни 30 минути во првиот дел, а потоа конзервативна игра и пристап до последниот свиреж на холандскиот арбитар во 120-тата минута од големото финале на ЕУРО 2020.
Англичаните откако за првпат во својата богата историја се пласираа во финалето на континенталниот собир, не успеаа да го направат конечниот исчекор и да ја израдуваат и повеќе од еуфоричната публика.
Судирот на фудбалските големци достигна кулминација во пенал-рулетот, а драмата со трагичен крај ја вкуси повторно англиската селекција. Англичаните во серијата од белата точка шутираа дури трипати непрецизно. Маркус Рашфорд го испрати Џиџи Донарума во спротивна насока, но за негова жал ја погоди само стативата, додека пак ударите на Џејдон Санчо и Букајо Сака беа осуетени од официјално најдобриот фудбалер на Европското првенство, Џиџи Донарума.
Селекторот на „трите лавови“ непосредно по завршувањето на натпреварот инстантно стана мета на напади од стручната јавност, особено поради изборот на изведувачи и нерационалниот потег со внесувањето во игра на Рашфорд и Санчо во последните секунди од судиските продолженија.
Некогашниот англиски репрезентативец и трагичар од Европското првенство во 1996 токму на „Вембли“, ја презеде одговорноста и вината за неуспехот, велејќи дека Сака и останатите играчи кои промашија од 11 метри, не треба да бидат критикувани од разочараните навивачи.
-Промашениот решавачки пенал на Сака е моја вина. Јас ги избрав изведувачите врз база на она што го гледам на тренинг. Што се однесува до пеналите, одговорноста е моја. Имавме двајца шутирачи на пенали кои мораа претходно да излезат од игра, затоа и ги направив замените. Ние бевме подготвени, стартувавме добро, но за жал момците не успеаа да ги искористат шансите. Сака е супер момче, многу е популарен во групата. Имаше одличен турнир и ќе продолжи да биде ѕвезда, изјави Саутгејт за „SkySport“.
Иако англиските медиуми не беа воопшто нежни со него, Саутгејт најави дека би сакал да ја предводи Англија и на Светското првенство во Катар следната година.
Фото:
eurosport.com