Не може условите за влез во ЕУ да не бидат европски, рече Димитров на меѓународниот Сими симпозиум во Грција – ММС
ММС

Објавено на: 07/12/21 12:25 PM

Не може условите за влез во ЕУ да не бидат европски, рече Димитров на меѓународниот Сими симпозиум во Грција

На покана на Фондацијата Андреас Папандреу во соработка со регионот на Атика и градот Атина, од денеска заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања  Никола Димитров учествува на меѓународен симпозиум Сими, кој по 23-ти пат се одржува во Грција, известуваат од неговиот кабинет.

Утрово, на првиот панел на кој учествуваше Димитров, насловен „Што е иднината на Европа без Балканот?” вицепремиерот Димитров се осврна на актуелните предизвици во пристапниот процес на Северна Македонија и влијанието врз политиката на проширување и кредибилитетот на Европската Унија.

-Драстичниот случај на Северна Македонија покрена сериозна загриженост за влијанието и кредибилитетот на ЕУ во регион чијашто иднина природно е да биде европска – во смисла на заокружување на процесот на европско обединување. Искачивме планина на нашиот пат, надминувајќи го проблемот со Грција преку Преспанскиот договор. Но, тој договор беше можен само затоа што Грција го прифати нашето право на самоопределување. Прашањето за тоа кои сме и каков јазик зборуваме е наше и во 21 век не е само неевропски туку е и непристојно друг да го прави. Дали една земја членка, само затоа што е членка, има право да поставува секакви услови на земја кандидат за влез? На пример, да побара да нема слобода на медиуми? Токму ова се случува. Значи тие услови мора да се на линија со европските вредности, оти, наречете ме идеалист, ама за мене, уште од студентските денови, Европа не е само економски џин, туку е збир на идеали и вредности и низ тие вредности треба да биде ценет нашиот напредок, вели Димитров.

Во однос на обидите за надминување на пречките за одржување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, Димитров нагласи дека ова прашање е релевантно како за иднината на нашата земја, така и за иднината на Европа.

-Надминувањето на блокадата од бугарска страна е прашање кое тежи многу повеќе и одекнува подалеку од односите Скопје-Софија. Триото претседателства моментално предводено од Словенија вложуваат сериозни напори за изнаоѓање решение, бидејќи влогот е голем и на страната на ЕУ. Воедно, ова прашање ги поткопува и релациите меѓу граѓаните поради што влијае и врз перспективите за одржување стабилност. Политиката на вето создава антагонизам. На последните анкети нашите граѓани гледаат најголема закана токму од Бугарија.Затоа се надевам дека со идната бугарска влада ќе можеме да постигнеме разбирање за заедничка победа, и за нас и за нив и за регионот и за цела Европа. Истовремено, ние остануваме посветени на европеизацијата – спроведување на реформи за вградување на европските стандарди дома, бидејќи тоа и е суштината на пристапниот процес, додава вицепремиерот за европски прашања.

Фокусот на симпозиумот, кој што ги обединува истакнатите светски политичари, дипломати, научници, бизнисмени и активисти, е ставен на соработка по однос на глобалните пост-пандемиски предизвици со цел поттикунување на идеи за креирање на национални и меѓународни стратегии и политики во врска со социо-економските прашања, влијанието врз човековите права и демократијата, здравствената заштита и други релевантни теми.

На панелот учествуваа и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, косовскиот премиер Албин Курти, заменик-директорката на ECFR Весела Чернева, извршниот директор на албанскиот Медиумски институт Ремзи Лани, научниот соработник на виенскиот Институт за хумани науки Иван Вејвода и геополитичката аналитичарка Антониа Колибасану.