Контролите на Управата за јавни приходи по пристигнатите пријави од граѓани за неправилности во работењето покажале дека во првите пет месеци од 2021 година фирмите направиле повеќе прекршоци отколку за цела 2020 година.
Управата за јавни приходи на ММС му ги достави податоците за бројот на контроли и видот на прекршоци кои фирмите ги сториле, а биле пријавени од граѓаните на еден од неколку начини.
Апликацијата Мој ДДВ од декември 2019 година има опција со која граѓаните на едноставен начин може да пријават неправилности околу неиздавањето на фискални сметки или издавање на сметки што не се фискални. Преку оваа апликација граѓаните пријавиле околу 1.500 неправилности при издавање односно неиздавање на фискални сметки. Граѓаните можат ваквите проблеми да ги пријават и со пријава на телефонскиот број 198, на мејлот info@ujp.gov.mk или со писмена претставка до УЈП.
Според Законот за регистрирање на готовински плаќања УЈП спроведувала контроли после пристигнатите пријави и во периодот од 1 јануари 2020 година до 31 декември истата извршила 807 контроли. Од нив, во 318 биле утврдени неправилности, а во 489 фирми немало неправилности.
Во периодот од 1 јануари 2021 година до 31 мај 2021 биле извршени 631 контрола. Во 517 контроли биле утврдени неправилности согласно ЗРГП, а 114 биле без неправилност.
„Констатираните неправилности при контролите се однесуваат на прекршоци согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања за неиздавање фискални сметки за извршениот промет на добра, односно на услуги, за не воведување и користење на одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања, за неводење на книга за дневни финансиски извештаи; за издавање на сметка која не ги содржи пропишаните елементи“, велат од УЈП.
Управата за јавни приходи во наведениот период изврши и проверки на усогласеноста по основ на фискализација, имотни права, нерегистрирани даночни обврзници и други јавни давачки за кои изготви службени белешки“, одговорија за ММС од Управата за јавни приходи.
Според Законот, глоба од 5.000 евра ќе добие секој од даночните обврзници, било да се работи за правно лице или трговец поединец за сторен прекршок ако не воведе и користи одобрен фискален систем на опрема, ако не издава фискални сметки, не користи фискален апарат или не води книга за дневни финансиски извештаи.
„Глоба во износ од 30% од глобата за правното лице ќе му се изрече на одговорното лице во фирмата, глоба во износ 500 до 750 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на даночен обврзник – физичко лице кое врши самостојна дејност“, стои во Законот за регистрирање на готовински плаќања.
Дел од пријавените субјекти треба да добијат казна од 2.500 евра за издавање на сметка која не ги содржи пропишаните елементи од член 5 (став 1).
УЈП водела и службени белешки кои се однесувале на сличаите кога по пријавите или претставките од линијата 198 или од апликацијата мојДДВ имало нецелосни податоци, како и за акциски контроли по ЗРГП кои ги врши УЈП или кога при проверката не била константирана разлика во готовинскиот промет во каса и од изештајот.
„Во периодот од 01.01.2020 до 31.12.2020 година, извршени се 17.120 проверки, а во периодот 01.01. до 31.05.2021 година извршени се 6.818 проверки за кои се изготвени службени белешки по основ на фискализација“, потврдија од УЈП.
Орце Костов