(ВИДЕО) Кем Џонсон го „постеризираше“ Пи Џеј Такер, но Бакси се вратија во игра – ММС
ММС

Објавено на: 07/12/21 10:21 AM

(ВИДЕО) Кем Џонсон го „постеризираше“ Пи Џеј Такер, но Бакси се вратија во игра

„Метла“ за Милвоки Бакс во финалето на НБА лигата нема да има. Јанис Антетокумпо и соиграчите во Висконсин не дозволија трета последователна победа на Феникс Санс и крај на надежите за шампионски пехар, победувајќи ги гостите од Аризона со 120:100.

Санси резултатски беа подобри од своите опоненти во две четвртини, но преголемата разлика на стартот на вториот дел и „пуштањето од ланец“ на Гркот, му пресудија на колективот предводен од Монти Вилијамс.

Со 41 постигнат поен, 13 скокови и шест асистенции, Антетокумпо не им даде шанса на Букер и Пол, кои за нивни стандарди одиграа можеби и релативно слаб меч. Џру Холидеј со 21 поен, пет скокови и девет асистенции, покрај грчкиот центар претставуваше движечка сила на „елените“.

Минатосезонскиот МВП во најдобрата светска кошаркарска лига сруши уште еден рекорд и влезе во сериозно друштво. Двете последователни 40 плус мечеви во финалето на НБА, го ставија Јанис Антетокумпо рамо до рамо со Мајкл Џордан и Шекил О’нил, како еден од тројцата играчи кои постигнале повеќе од 40 поени на два натпревари по ред во големото финале.

Кај поразените, Крис Пол со 19 поени и девет асистенции и ДеАндре Ејтон со 18 поени и девет скокови, се најдоа на врвот на скорерската листа.

Брилијантната индивидуална партија на Јанис, на момент беше засенета од перфектното „за на постер“ забивање на Камерон Џонсон во третата четвртина, ни повеќе, ни помалку, над одличниот дефанзивец Пи Џеј Такер.

 

Дваесет и петогодишниот колеџ играч на Питсбург, едноставно го прелета Такер за општо воодушевување, дури и на домашната фанатична публика.

Серијата останува на Истокот, каде што пред своите гледачи Бакси ќе бараат изедначување против изненадувањето на сезоната Феникс Санс.

 

 

Фото:

Twitter / @BleacherReport

Twitter

 

д.ј