Мартин Најдовски има 21 година и живее во Велес. Завршил гимназија, а потоа се насочил кон билкарство, за денес да стане сертифициран билкар. За ММС вели дека работи со билките од 10 години, започнато од наследство, па потоа со текот на годините успеал да го заврши и да биде сертифициран травар. Како што вели тој самиот не е толку важно дали има некој диплома или не, важно е знаењето.
Од каде дојде љубовта кон билките и билкарството?
-Инспирација ми беше емисијата „Билките на баба Рада“, да почнам да ги истражувам билките и да почнам да учам рецепти и нешто ново. Моето семејство има корења во билкарството, моите прабаби биле треварки и се занимавале со истото. Дел е генетика, а доста рецепти имам наследено од мојата тетка, која е Лилјана Јовиќ Гроздина, многу позната билкарка во Македонија. А љубовта кон природата била секогаш тука, уште од мали нозе сум покажувал љубов кон неа и од секогаш сум ја сакал, и потоа се разви таа љубопитност кон билките и да учам. Почнав да купувам списанија, литература, да се интересирам повеќе, да ги гледам моите баби и дедовци како собираат билки, како подготвуваат лекови и потоа тоа да се претвори во еден сертифициран травар, што за мене е голем успех.
Од каде собираш информации за билките, за нивните лековити својства, подготовката на лекови..?
-Повеќето ми е од наследство од моите баби, прабаби, тетка ми. Поголемиот дел е од литература, но и од искуство од најстарите, знаењето е токму во старите и тоа знаење кои го имаат старите е непроценливо. Тоа знаење најмногу го вреднувам, на интернет и во литература секој може да пише што сака. Моето знаење е базирано на стари народни рецепти. Бидејќи мораат да се следат и модерните работи, пристапник сум за старата народна медицина, како нашите стари живееле и се лечеле.
Кои растенија ги има кај нас, што се лековити, а луѓето малку знаат за нив?
-Има една цела ризница. Македонија е многу богата со лековити билки. Штета е што луѓето ги познаваат само основните а не се интересираат да најдат нешто плус. Доста познати растенија кои нашите ги одгледуваат, а не знаат дека се лековити се слаткарчето, лековито за дијабетичари, вампировиот лист, или магарешки уши, зависно во кој дел од Македонија живееме, црвениот кантарион, за многу стомачни, дигестивни проблеми, тучницата исто така, што малкумина ја знаат. Јас сум претставник за билките кои луѓето малку ги познаваат, кажувам за нив, ги учам на нови работи, а не за работи кои веќе ги знаеме.
Веќе ја објави твојата прва книга „Даровите на големата мајка Природа“, колку време ја подготвуваше и што можат луѓето да научат од оваа книга?
Книгата ја подготвував пет месеци, веќе беше останата како аманет да ја напишам книгата од мојата тетка, која е почината. Најглавната мотивација беше нејзе да и го исполнам зборот дека ќе издадам книга со знаење, со билки и рецепти кои се малку познати и билки кои малкумина ги знаат. Тоа е главната компонента на книгата. Луѓето можат да научат нови информации, да се разликува од другите книги за билкарство, со детален опис на билките, бидејќи немаме таква литература во Македонија, имаме делумно, со опис на билката со два три рецепти. Во оваа книга има детално со контраиндикација, кои луѓе не смеат да ги користат, хемиски состав, други народни имиња за билката, рецепти, кога се бере, кој дел се бере.
Моника П.Насковска