Последните години се докажува дека разните терапии засновани на активности во природа може да придонесат во опоравувањето од многу психијатриски пореметувањa, вклучувајќи ја и депресијата – вели психијатарот д-р Клер Вилкокс. Според оваа докторка, одморот во природа помага во решавање на проблемите поврзни со спиењето, ја намалува желбата за храна, влијае врз чувството на неодлучност, но придонесува и во намалување на грижите.
„Ние за својата емоционална обнова зависиме од исцелувачката моќ на природата, а во последно време се случува пораст на користењето на разните патеки за шетање, луѓето се’ повеќе трчаат, возат велосипеди, планинарат…се обидуваат да го процесуираат сето она што им се случува“, вели Вилкокс.
Неодамнешно истражување покажало дека луѓето кои се повеќе изложени на зеленило, подобро се чувствуваат.
На кој начин помага природата?
Движење
Кога излегуваме повеќе се движиме, а зголеменото движење е клучно за нашето ментално здравје. Бројни се студиите кои покажуваат дека телесната активност позитивно влијае на расположението, го подобрува спиењето, концентрацијата и ги намалува тегобите. Друга студија пак, покажува дека истото се случува и на неврохемиско ниво. Зависници кои поминале програма на интензивно вежбање доживуваат нормализација, што значи дека движењето им помага и понатаму да останат чисти, а според докторката, веројатно тоа ќе стане важен дел од лекувањето на зависности.
Подобрување на когнитивните функции
Студиите покажуваат дека времето во природа ги подобрува и нашите ментални способности, а тоа ни помага да носиме помудри одлуки и полесно да ги менуваме своите лоши навики. Освен тоа, има се’ повеќе докази дека природата помага и во забавувањето на развојот на алцхајмеровата болест.
Психосоцијални придобивки
Активностите на отворено – како качувањето по карпи, тимските спортови или планинарењето често бараат да работиме со другите и да се „потпираме“ на нив, особено кога ќе се појават разни предизвици. Оттука, во природа може да се изградат многу важни социјални вештини.
Според Вилкокс, надминувањето на физичките и психолошките препреки со кои се среќаваме во природата ја зголемува самоефикасноста, менталната отпорност и физичката кондиција.
Време во тишина: Време за одморање на мозокот
Природата ни дава можност да се оддалечиме од технологијата, од урбаната средина, од нередот и стресот на работа.
Фото: Илустрација / Designed by Freepik
Извор: vecernji.hr