Ансамблот на „Игњац Фукс“ ја воодушеви публиката со класична и неокласична музика – ММС
ММС

Објавено на: 08/10/18 10:21 AM

Ансамблот на „Игњац Фукс“ ја воодушеви публиката со класична и неокласична музика

Вистинско уметничко доживување со класична и неокласична музика приреди синоќа ансамблот на „Игњац Фукс“во црквата „Света Софија“ настапувајќи во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

На програмата беа Квинтет g-moll од Сергеј Прокофјев, Свита за трио за кларинет, виолина и пијано од Александар Арутиуниан, Квартет од Иван Мулер, како и Трио за обоа, виола и контрабас, дело на Јохан Михаел Хајдн.

– Делата се од различен период, но станува збор за класична и неокласична музика. Конкретно, за Квинтетот од Сергеј Прокофјев, се работи за несекојдневна музика, напишана за балетска група во 1929 година и од тој балет е редуциран квинтетот. Доста драматична музика, доста хаотична, но на моменти прекрасна, а на моменти возбудлива, така како што треба да биде музиката, вели познатиот контрабасист Илин Диме Димовски.

Ансамбл на „Игњац Фукс“4Ансамблот на „Игњат Фукс“ е формиран годинава, специјално по повод 150-годишнината од раѓањето на композиторот Игњац Фукс.

– Тоа е една од причините за обединувањето на еден ваков состав, но од друга страна, на овие простори недостига ваков ансамбл од мешовит тип кој може да се прилагодува на каков било концерт и настан, додаде Димовски.

Во ансамблот на „Игњац Фукс“ членуваат македонско-австриската виолинистка Фросина Богдановска, хрватскиот уметник Хрвоје Филипс кој свири на виола, македонско-хрватскиот контрабасист Илин Диме Димовски кој работи во Загрепската филхармонија, српскиот кларинетист Александар Тасиќ, обоистот Дарио Голчиќ од Хрватска, како и македонската пијанистка Јана Павловска-Молц која живее и работи во Чикаго.

Ансамбл на „Игњац Фукс“3– Мене ми е многу драго што сум дел од еден ваков состав направен од фантастични уметници. Сите живееме на различни просотори и настапуваме на различни места, така што имавме многу малку проби, но брзо се вклопивме, вели виолинистката Богдановска.

Овој ансамбл составен од извонредни уметници од поранешните ју-простори, во текот на идната година ќе се вклучи во одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на композиторот Игњац Фукс (1819 –1854), чие вистинско име е всушност Ватрослав Лисински.