Граѓанската организација Цивил реагира на неправилности во избирачкиот список, по пријавите на граѓани дека на нивните адреси има регистрирано фантомски гласачи. -Старите проблеми, наспротив уверувањата од политичарите и ДИК, сѐ уште се евидентни. Фантомите во Избирачкиот список се вратиле и удобно се сместиле на адресите на граѓаните што се јавија во нашата организација. Добивме и една пријава за починато лице што сѐ уште фигурира во Избирачкиот список, соопштува Цивил и додава:
-Во еден случај, граѓанин ни пишува дека веднаш се јавил во ДИК да пријави неколку „ненајавени гости“ на својата адреса. Од таму, како и на претходните изборни процеси, го упатиле да се јави во МВР. Гласачите повторно ја слушаат старата приказна: секогаш некој друг е одговорен.
Поради тоа, Цивил ги повикува граѓаните да ја искористат можноста за увид во Избирачкиот список и да ги пријават неправилностите во ДИК, но и на ЦИВИЛ, со цел да се спроведе јавна контрола на процесот, соопштија од граѓанската организација, која ги повикува институциите да го поедностават процесот на решавање на случаите што ќе ги пријават граѓаните. Нема зошто гласачите сами да ја вршат работата на институциите, а притоа да бидат шетани од една врата до друга и, на крајот, пак да не се реши проблемот, е ставот на Цивил.
Објавено на: 08/10/18 9:41 AM