Кој ќе ја чини новата коалиција, ќе се знае во недела. Извесно е дека Либерално – демократската партија и ДОМ се сигурни коалиционери, додека според Горан Милевски, лидерот на ЛДП, се очекува ставот и на Демократскиот сојуз. Сите три партии сега се дел од владејачката колаиција и го чинат мнозинството во Собранието од 62 пратеници, предводени од СДСМ. Како што потврди и Маја Морачанин од ДОМ во телевизиско интервју, сега се дел од мнозинството.
-Вчера имавме состанок заедно со претседателот на ЛДП, ДС и јас со премиерот, фукциониераме и понатаму. По некои прашања имаме и различни мислења, рече Морачанин.
Но, дали и понатму остануваат во досегашната коалиција? Извесно е дека во недела на коалициската средба ќе се разговара и околу евентуалното формирање на листи на советници и предлог кандидат за градоначалници за локалните избори.
Милевски денеска не сакаше да даде конкретен одговор дали тој ќе биде кандидатот за градоначалник во неговата родна Битола.
-Останува да си ја завршам својата работа во Министерството за локална самоуправа, рече Милевски прашан од ММС.
Милевски потврди дека се размислува за листи за Локалните избори направени од оваа нова коалиција, во која би влегле луѓе од помалите партии, но и познати јавни личности, интелектулци, граѓански активисти, членови на здруженија…
Морачанин рече дека за малите партии е подобар самостојниот настап на избори, особено што се создадоа два големи блока на партии со приклучување на помалите кон нив, по што има и незадоволство кај големите партии.
Неофицијално, за некои од јавните личности и граѓански активисти во дел од општините, веќе се зборува за настап на Локалните избори за овие помали партии. Но, засега тоа се само шпекулации.