Оваа година површините со пченица се зголемени за 7% во однос на минатата година односно изнесуваат 79.000 хектари. Согласно информацијата од подрачните министерства, оваа година се очекува принос од околу 260.000 тони пченица – информира министерот за земјоделие, Арјанит Хоџа, кој денеска присуствуваше на манифестацијата „Денови на жетва – жито за живот“
Исто така се наврати и на актуелното прашање со мелничарите кои бараат два денари по килограм откупена пченица, во спротивно ќе откупуваат од 8,5 до 10,5 денари по килограм, што за земјоделците е многу ниска цена.
„После изјавата што ја дадов пред неколку дена за мелничарите дека уцени и таков пристап нема да се прифати од државата, веќе има поместување од нивните ставови. Наредните денови, следната недела ќе имаме состанок. Цените на светската берза и во регионот растат и тоа треба да биде тренд и за самите производители да ги добијат тие или слични цени. И што и да преземаме ние како држава, како министерство во делот на субвенционирање тоа не треба да се сфати како намалување на цената на мелничарите кон земјоделците. Треба да бидеме што поконкурентни на самиот пазар во регионот, но и пошироко, но нема да дозволам за било која субвенција што ќе се дава во државата тоа индиректно да се рефлектира во намалување на цената на житото, посебно на пченицата“, рече министерот Хоџа.
На прашањето дали ќе ги заштитат земјоделците за откупната цена, рече:
-Апсолутно. Јас ќе бидам во постојана комуникација како со другите потсекторски групи како што сум бил цело време, и мислам дека ќе успееме да обезбедиме добар однос меѓу самите производители и самите откупувачи. Не би можел да кажувам цена бидејќи тоа е работа на договор, слободен пазар, но верувам дека ќе има задоволителна цена од двете страни, изјави Хоџа.
Маја Богоеска