Токио, 10 август 2018 (МИА) – Можеби мислите дека законите на логиката и физиката не можат да се менуваат, но постојат неколку места каде што ниту по едниот ниту по другиот закон не е дозволено да се умре. Ако некогаш се одлучите да ги посетите, треба да знаете дека здравственото осигурување нема да ви биде потребно.
Ицокошима, Јапонија
Јапонскиот остров, познат како Мијаџима, се смета за свето место кое е дом на многу антички храмови. За да се задржи чистотата на ова место, раѓањето и смртта тука се забранети од крајот на деветнаесетиот век, па локалните жители пред да умрат ги носат на блискиот остров. На Ицокошима и натаму не постојат ниту гробишта ниту болници.
Лонгирбиен, Норвешка
Најсеверниот град на светот се наоѓа на архипелагот Свалбард, а слојот на непрекинато смрзнато тло и константно ниските температури спречуваат телото да се разгради. Со цел да спречат ширење на болести, властите одлучиле да го забранат умирањето од 1950 година. Тие кои се на смрт летаат со авиони до копно, каде подоцна „имаат дозвола“ да умрат.
Ланхарон, Шпанија
Градоначалникот на Ланхарон во југоисточна Шпанија уште во 1999 година го забрани умирањето. Наводно гробиштата биле претрупани, па властите ги советувале четири илјадите граѓани да останат живи се додека надлежните не купат нова земја за гробишта. Градоначалникот дури и ги советува луѓето „максимално да се грижат за своето здравје се додека не се пронајде адекватно место за нови гробишта“. Не е познато колку долго тоа траело.
Сарпуренк, Франција
Градоначалникот на француското село Сарпуренк уште во 2008 година „им забаранил“ на жителите да умрат, освен ако немаат закупено гробно место. Дури им се заканил и со казни. Како што вели на радикалниот потег се одлучил откако му било забрането да ги прошири гробиштата. Дали некој го прекршил законот, а особено како е казнет, исто така не е познато до денес.
Селја, Италија
Во 2015 година надлежните им забраниле на жителите не само да умрат туку воопшто да не се разболат во обид да го спречат опаѓањето и стареењето на популацијата. Давид Зикјанела, градоначалник на местото потпишал декрет со кој им се наредува на жителите своето здравје да го стават на прво место. Градот во 1960 година имал 1.300 жители, а до 2015 година останале само 537, од кои 60 отсто се постари од 65 години.
Биритиба Мирин, Бразил
Гратчето Биритиба Мирин, 90 километри источно од Сао Паоло, во 2005 година властите забраниле умирање поради тоа што гробиштата го достигнале максимланиот капацитет од 50 илјади лица. Истиот случај се случил и во Конјак во Франција, каде властите не одобриле проширување на гробните места, па и овде градоначалникот забранил умирање