(ФОТО) Пенал-рулетот ја испрати Италија во финалето на Европското првенство – ММС
ММС

Објавено на: 07/6/21 11:04 PM

(ФОТО) Пенал-рулетот ја испрати Италија во финалето на Европското првенство

Италија е првиот финалист на Европското првенство. На ним својствен начин, малку и подзаборавен со оглед на трансформацијата во идејата во играта на светскиот гигант, Киелини, Бонучи, Верати и останатите го направија претпоследниот исчекор и заслужено се најдоа во финалето на одложениот и дисперзиран европски собир на големците.

Пенал-рулетот кој донесе и повеќе од доволна спортска драма му припадна на Италија, откако фудбалерот на Челзи, Жоргињо, го совлада Унаи Симон и им донесе на „Аѕурите“ уште еден меч на „Вембли“, овојпат вреден европска титула.

Шпанците во текот на целиот меч имаа повеќе од поседот, особено во вториот дел кога Роберто Манчини реши да се повлече, внесувајќи ги во игра фудбалерите на Аталанта, Рафаел Толои и Матео Песина, но Италија успешно оддолеваше на нападите и на моменти безидејната тики-така, чекајќи ја својата шанса преку контра и полу-контра.

Првиот дел и статистики и играчки не ги задоволи апетитите на фудбалските сладокусци, а единствениот удар во рамките на голот на Џиџи Донарума пристигна преку играчот на натпреварот според неутралното гледалиште, Дани Олмо.

Во вториот дел, возбудувањето достигна ново ниво. Федерико Киеза во 60-тата минута со одличен и технички одмерен шут од место го пронајде патот до мрежата на Унаи Симон. Радоста на Италијанците траеше до 80-тата минута од дербито, кога резервистот Алваро Мората перфектно го прочита просторот и реагираше на асистенцијата на Дани Олмо. Италија еден, Шпанија еден, во регуларниот дел од полуфиналето на ЕУРО 2020.

Судиските продолженија комплетно припаднаа на само една селекција. Евидентно заморените играчи на Италија се „собраа“ во својата половина и чекаа единствено германскиот арбитар Феликс Брих да означи крај 120-те минути.

Пенали, Италија, стара добра приказна. Иако првиот шутер во списокот на Роберто Манчини, Мануел Локатели, го промаши ударот од 11 метри, „аѕурите“ во преостанатиот дел од пенал серијата погодуваа сигурно, што не беше случај со „црвената фурија“. Дани Олмо му врати „мило за драго“ на Локатели и ја испрати топката на трибините на „Вембли“, а потоа вториот спасител на Шпанците, Алваро Мората, не успеа да го порази Џиџи Донарума.

Играчот за врска на англиски Челзи, Бразилецот со италијански пасош, Жоргињо, идентично како и во Челзи и во сличен манир, го испрати Унаи Симон на другата страна, за голема радост на четирикратниот светски шампион и уште едно финале за надополнување на историското наследство.

Сега Италијанците ќе го чекаат подобриот од дуелот Англија и Данска кој ќе заземе место на програмата на ЕУРО 2020 утре од 21:00 часот на „Вембли“.

 

 

Фото:

Twitter / @EURO2020

д.ј