Пациент кој се лекува во Болницата во Велес е заразен со делта сојот на коронавирусот. Ова е четврти случај на индиската варијанта на вирусот во земјава, откако претходно беа потврдени три случаи. Пациентот е со лесна клиничка слика, информира претпладнево министерот Венко Филипче.
Тој посочи дека во текот на денешниот ден треба да се знае дали индиската мутација на вирусот ја имаат уште четворица пациенти кои се хопситализирани во Скопје. Еден од нив е на респираторна машина, а останатите се со лесна клиничка слика.
„Скринингот кој се прави на тестовите, тоа е оној скрининг којшто се прави на сите тестови од Институтот за јавно здравје и лабараторијата на МАНУ и ја исклучува британската варијанта. Секаде каде скринингот ќе покаже дека не е британската варијанта, се прави секвенционирање за да се потврди евентуалното присуство на индискиот сој и тоа сега се прави за овие четири случаи. Ќе ги имаме резултатите до вечерва“, посочи министерот за здравство.
Според него, овие случаи не се епидемиолошки поврзани. Она што се знае досега е дека пациентите не биле вакцинирани, но дали биле во странство ќе се знае допрва од епидемиолошките анкети.
Филипче вели дека здравствените власти будно ја следат состојбата и најави дека за ова ќе се разговара на Комисијата за заразни болести, која вчера пак, излезе со став дека засега нема потреба од воведување рестрикции на границите.
В. Ми