(ФОТО) Хакими лета за Париз, Покетино го добива мароканскиот десен бек – ММС
ММС

Објавено на: 07/5/21 7:09 PM

(ФОТО) Хакими лета за Париз, Покетино го добива мароканскиот десен бек

Поради проблеми со Финансискиот фер плеј и финансиските загуби во време на пандемијата на коронавирусот, италијанскиот првак Интер летово мора да продава за да ги изедначи „сметките“.

Ромелу Лукаку, Лаутаро Мартинез и Ашраф Хакими, како најважни и највредни играчи кај „нероаѕурите“ се појавија на врвот на непопуларната листа за продажба помеѓу навивачите на Интер. Сепак, барем засега, напаѓачкиот двоец на Интер останува сигурен.

Мароканскиот десен офанзивен бек и поранешен младинец на Реал Мадрид, Ашраф Хакими, пред потпис е со Париз Сен Жермен во договор вреден околу 70 милиони евра кој ќе го остави на „Паркот на принцовите“ до 2026. година.

На социјалните мрежи се појави фотографија од Хакими заедно со неговиот агент, каде што летаат на „непозната дестинација“, во пресрет на закажаните медицински прегледи на репрезентативецот на Мароко.

Добрите игри на Хакими претходно во Борусија Дортмунд и неодамна во Интер, го привлекоа вниманието на повеќе европски гиганти, меѓу кои и Челзи. „Сините“ од Лондон не сакале да ја платат посакуваната сума за неговите услуги и затоа аргентинскиот стратег на клупата на парижани, Маурисио Покетино, конечно ќе го добие посакуваниот бек во обидот да ја врати титулата во француската престолнина следната година.

За Интер во кампањата 2020/2021, Хакими постигна седум погодоци и 10 асистенции, статистика на која би можеле да му завидат и многу напаѓачи ширум светот.

Парижани во летниот преоден рок стартуваа силно. Официјално го потпишаа како слободен играч фудбалерот на Ливерпул, Џини Вајналдум, а само формалност е претставувањето на новиот голман Џиџи Донарума, исто така потпишан како слободен играч, заедно со екс-колегата од темносиниот дел на Милано, Ашраф Хакими. Доколку треба да им се верува на медиумите во Франција и Шпанија, следниот голем трансфер на Париз Сен Жермен ќе биде доскорашниот капитен на Реал Мадрид, Серхио Рамос.

 

 

 

Фото:

Twitter / @CLMerlo

Twitter

 

д.ј