Сезоната на реновирање не е во полн ек, но мајстори ниту за лек. Младите не сакаат да учат и да работат во занаетчиството затоа што мислат дека е неисплатливо, а оние кои веќе го испекле занаетот заминуваат на печалба во странство каде што исто така има дефицит од вакви кадри. Најголем дел од младите мечтаат за професиите во ИТ секторот, сакаат бидат правници и лекари и на занает не помислуваат ниту на сон.
ММС направи анализа зошто младите не сакаат да учат дел од занаетите во време кога побарувачката е зголемена и се стигнува до заработка иста како и во ИТ-компаниите.
Мајстор Момчило Зајков е автолимар од Велес кој повеќе од 30 години поправа оштетени возила, а занаетот го наследил и научил од својот татко.
„Подолго време барам млад човек кој ќе ме наследи, но нема заинтересирани кои навистина би се посветиле на поправките на автомобили. Неколку пати договорав млади деца да доаѓаат на летна работа за да видат како се работи и како се заработува, но тешко им е на младите да стануваат рано наутро и да работат во автолимарска комора на овие горештини. На толку автомобили во земјава, ова е еден од занаетите кои носат добра заработка, но треба да се работи многу и постојано да се биде извалкан, а тоа младите не го сакаат – истакна автолимарот.
Мајстор Иван е електричар од Скопје кој неколку години е во пензија. Поради недостиг на помлади колеги, постојано се јавува на повиците затоа што не сака да ги одбие муштериите кои му се редовни години наназад.
„Има премногу работа, но нема доволно електричари. Во последниве неколку години постојано се реновира, се поправа по дома и затоа имаме многу ангажмани, посебно во летниот период. Луѓето не викаат и за банални работи како што е менување на сијалица. Полесно им е да платат мајстор отколку да заменат сијалица. Има побарувачка за мајстори, но нема понуда“, рече мајстор Иван.
Оние мајстори кои се помлади заминуваат на печалба во Австрија, Германија или Швајцарија. Се екипираат мајстори од неколку занаетчиски гранки, наоѓаат некоја куќа или стан за реновирање и работата ја завршуваат како тим од почеток до крај за релативно брзо време и заработуваат 1.000 евра за десетина дена.
Но, мајстор Иван за ММС истакна дека и во Македонија електричарот може да заработува по 2.000 денари дневно за десетина часа работа или околу 50.000 денари месечно (800 евра), ако го работи само тоа.
Постарите занаетчии велат дека оној што е упорен и сака да напредува и да научи, многу брзо ќе се стекне со титулата мајстор и ќе може да заработува по 30-50 евра дневно, а оној што има чувство за бизнис може да си отвори и своја фирма во која ќе ангажира поголем тим на мајстори и ќе може да се пријавува и на тендерите за реновирање или реконструкција на објекти.
Димче е 39-годишен плочкар кој работи со свој тим повеќе од 15 години. Во моментов наплаќа по 6 евра од квадрат и смета дека цената не е висока со оглед на се повисоките трошоци за живот. Работа има и тој е меѓу ретките мајстори што не планираат да заминат во странство за да работат за некој претприемач.
“За тие што сакаат да работат и тука има многу работа. Тешко е да се најде добар мајстор и згора на тоа се уште се работи на препорака. Во летниот период не можеме да стигнеме насекаде, многу луѓе ги одбивам. Обично во мај месец закажуваме за цело лето, некои чекаат и по 30 дена за да им монтираме плочки“, истакна плочкарот.
Луѓето генерално немаат проблем што цените се покачени во последните години затоа што дефицитот со занаетчии е огромен, но бараат квалитет, а од младите мајстори многу ретко го добиваат затоа што тие не се трпеливи и работат само во периодот од 8 до 16 часот.
“Без разлика дали работата е оставена на половина или има барем уште еден час за да се заврши реновирањето, младите мајстори си одат во 16 часот. Работат како да се во државна администрација и потоа велат занаетите не се платени, не можеме да извадиме добра дневница. Во мое време учевме занает по 4-5 години, а не за три месеци како сега. Не смеевме да му кажеме на мајсторот дека треба да си одиме предвреме се додека не се заврши работата и муштеријата не биде задоволен. Јас тоа го применував долги години и затоа често се случува сега да ме викаат муштерии да го поправам тоа што младите мајстори не го довршиле или го оштетиле. Од занаетот се заработува многу добро, но ако се работи околу 10 до 12 часа“, рече постар молер пред пензија кој во текот на својата 40-годишна кариера никогаш не ги оставил муштериите на цедило.
Орце Костов
фото: Вангел Тануровски, sasa.com.mk, Приватна архива