Свекрвата не ме прифати на почетокот, се плашеше што ќе каже околината – Како Веделин од Кариби стана снаа во Челопек – ММС
ММС

Објавено на: 07/6/21 7:00 PM

Свекрвата не ме прифати на почетокот, се плашеше што ќе каже околината – Како Веделин од Кариби стана снаа во Челопек

Велат љубовта не познава граници, а доказ за тоа е уште една љубовна приказна на Веделин и Боби од тетовско Челопек. Се запознале на интернет, а после две две години нивното пријателство прераснало во љубов, која ја крунисале и со брак. Веделин вели дека ја сака Македонија поради пријателски настроените луѓе кои живеат тука. И самата живеела две години, но бидејќи и било тешко да најде работа, морала да се пресели во Велика Британија, па така сега заедно со својата ќерка често се на релација Македонија-Велика Британија, додека нејзиниот сопруг останал во Македонија. Таа за ММС ја раскажа својата животна приказна и како од  Карибите стаса и се снајде во тетовски Челопек.

Во брак си со Македонец, како го запознавте сопругот Боби и како ја започнавте вашата љубовна приказна?

-Го запознав сопругот на социјалните мрежи, тоа време беше ХајФајв (HI5). Прво почнавме да разговараме како пријатели, околу две години, а потоа решивме нашето пријателство да премине на друго ниво. За тоа е виновен мојот сопруг кој го направи првиот потег со изговарање на 3-те волшебни зборови на кои веднаш одговорив. Потоа започнавме да правиме планови да се видиме.

Дали некогаш сте биле во Македонија и што ви се допаѓа тука?

-Претходно сум била во Македонија, живеев во Македонија две години и во последните шест години бев на посета на секои три месеци. Ја сакам храната, културата и пријателски настроените луѓе. Сè во Македонија е неверојатно.

Сега живеете во Велика Британија, зошто се преселивте таму и зошто не останавте во Македонија?

-Се преселив во Велика Британија затоа што беше тешко да се најде работа, а и јазичната бариера беше предизвик. Затоа, како британски државјанин, решив да се преселам во Велика Британија за воедно да можам и полесно да го посетувам мојот сопруг во Македонија.

Кога прв пат доаѓавте во Македонија, дали се плашевте како ќе ве прифатат тука, општеството, родителите на вашиот сопруг и кои беа вашите први впечатоци.

-Многу се плашев дали ќе ме прифати општеството и родителите на мојот сопруг. Не видов други обоени лица таму. Свекрвата не ме прифати на почетокот затоа што се плашеше што ќе каже општеството. Таа на крајот сметам дека премина преку тоа и мислам дека сега ме сака и ме прифаќа. Свекорот ме прифати и ме засака уште од моментот кога ме запозна. Тетките и братучедите на мојот сопруг исто така беа многу љубезни кон мене кога подобро ме запознаа.

Дали прифативте некои македонски обичаи и дали се слични на обичаите на вашата земја од каде што потекнувате?

-Јас ги прифатив македонските обичаи, тие се и малку слични на обичаите на мојата земја од каде потекнувам. Селата и околината многу ме потсетуваат на мојата земја/татковина.

Колку научи да зборуваш македонски јазик?

 

 

-Го научив јазикот, истиот го зборувам и разбирам. Што е одлично според мене, затоа што и јас и ќерка ми не сме во моментов во Македонија, но сум во можност да ја научам да зборува на јазикот.

Ако направиме споредба помеѓу земјата од каде што потекнувате, Македонија и Велика Британија, која земја ви се допаѓа најмногу и кажете ни со еден збор, како тие се разликуваат едни од други?

-Ако споредам помеѓу Македонија, Велика Британија и мојата родна земја, повеќе ми се допаѓа Македонија. Разликата помеѓу Македонија и останатите две земји е во тоа што луѓето во Македонија се потопли и попријателски расположени.

Моника Пејоска Наскоска