Наместо на нива, на печалба – Има се помалку земјоделци и се повисоки цени на пазарите – ММС
ММС

Објавено на: 07/4/21 6:53 PM

Наместо на нива, на печалба – Има се помалку земјоделци и се повисоки цени на пазарите

Од година во година очигледен е растот на цените на земјоделските производи, а овошјето и зеленчукот на пазарите и во екот на сезоната имаат цени како на почетокот на пролетта и, како што велат самите производители, не може да се очекува значително намалување на цените, бидејќи се поголем број на површини не се обработуваат, а бројот на земјоделци е се помал и помал.

-Повисоките цени и намалената понуда на земјоделски производи на пазарите во земјава, се должат првенствено на се помалиот број земјоделски производители. Ние сме сведоци на состојбата на терен. Наместо цел живот да се занимаваат со земјоделство, повеќемина наши колеги земјоделството го заменија со печалбарство, бидејќи поголемиот број од нив заминаа  во странство претежно во Германија. Околу 70 отсто од претходно обработените ниви повеќе не се обработуваат, што се одрази и на се помалото производство, што е директен причинител за константен пораст на цените, вели Блаже Петров, земјоделец.

И останатите негови колеги проблемот го лоцираат во се помалиот интерес на  земјоделците да продолжат да се занимаваат со оваа гранка и посочуваат, дека во нашата земја во моментов е најмалку исплатливо да се работи во земјоделството. Токму од тие причини поголем број довчерашни земјоделци кренаа раце од земјоделството и се упатија на печалба во Германија, Австрија и други европски земји, а нивниот број и понатаму ќе расте, потврдуваат тие.

 

МИА