ВМРО-ДПМНЕ бара поддршка од сите партии за Резолуцијата за македонските позиции во спорот со Бугарија – ММС
ММС

Објавено на: 07/4/21 1:21 PM

ВМРО-ДПМНЕ бара поддршка од сите партии за Резолуцијата за македонските позиции во спорот со Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ во следните денови во Собранието ќе предложи текст на предлог резолуција која што ги дефинира македонските државни позиции за евроинтеграции, по примерот на бугарската национална резолуција, најави на прес-конференција членот на ИК на партијата, Антонио Милошоски.

Резолуцијата која ја најави Мицкоски во петокот, а како што рече Милошоски денеска, ги дефинира македонските позиции по однос на било какви негирања на македонскиот јазичен, културен или национален идентитет, бидејќи тоа е спротивно на европските вредности.

Тој ги повика сите политички сили наместо да се поларизираат, да се обединат и да донесат заедничка резолуција.

– Резолуции по националните прашања се носат и во Бугарија, и во Германија, и во Словенија, и во Романија, и во Италија. Тука зошто Македонија би била исклучок, и зошто власта не би била спремна во Собранието да отвориме расправа и да изградиме широк консензус за предлог резолуцијата за македонските црвени линии која што доколку се усвои од Собранието на Македонија нема да биде од помош само за македонската дипломатија и општество туку ќе им помогне и на нашите пријатели во рамките на ЕУ. Бидејќи оваа предлог резолуција се заснова на повелбата на Обединетите Нации и на Конвенцијата за човекови права на Советот на Европа од Стразбур, рече Милошоски.

За Резолуцијата најави дека ќе разговараат и со пратениците од Алијанса, Алтернатива, ЛДП, ДОМ, Демократски сојуз, Левица и сите останати партии.

– ВМРО-ДПМНЕ смета дека ваквиот пристап би бил сериозен и одговорен, и носењето на една заедничка политичка резолуција за македонските национални позиции за евроинтеграциите врз основа на македонскиот идентитет како европска вредност е корисна работа и граѓаните тоа би го поздравиле, рече Милошоски.