Данска во тесен меч ја порази Чешка и се пласираше во полуфиналето на ЕУРО 2020 – ММС
ММС

Објавено на: 07/3/21 7:25 PM

Данска во тесен меч ја порази Чешка и се пласираше во полуфиналето на ЕУРО 2020

Кој би рекол? После воведниот пораз од Финска на домашен терен во Копенхаген и трагичниот случај со Кристијан Ериксен, но и вториот последователен пораз од Белгија во второто коло од групната фаза, фудбалската репрезентација на Данска со победата од 2:1 над Чешка се пласираше во полуфиналето од ЕУРО 2020.

Данците со победата против Русија во последното коло обезбедија нокаут-фаза, а во нокаут-фазата се активираше вистинската сила на скандинавскиот колектив. Во 1/8 финалето Велс беше „нивната“ жртва која прими четири голови, додека во 1/4 финалето со далеку посериозниот и покомпактен тим на Чешка, Данска победи минимално, но доволно за влез помеѓу четирите најдобри.

Почеток од соништата за составот предводен од Каспер Хјулманд, откако во петтата минута по изведениот корнер, играчот за врска од Борусија Дортмунд, Томас Дилејни постигна одличен погодок со глава. На Чесите долго време им требаше да се консолидираат и кога за момент се чинеше дека можат до изедначување – полуконтра во режија на фантастичниот на овој турнир Јоаким Меле и шпицот на Ница, Каспер Долберг.

Дијаметрално спротивно второ полувреме на стадионот во Баку. Јарослав Шилхави ги внесе во игра Јакуб Јанкто и Михаел Крменчик и тоа веднаш вроди со плод во 49-тата минута. Центаршутот на десниот бек на Вест Хем, Владимир Цуфал, одлично го ковертираше во погодок сега и стрелецот број еден на Европското првенство, Патрик Шик. Чешка „остана жива“, се обидуваше преку прекини и пробиви по страничните позиции да го загрози голот на Каспер Шмајхел, но сепак на крајот Данска беше онаа која резервираше билет за полуфиналето.

Селекцијата на Данска сега ќе го чека подобриот од дуелот Англија и Украина во полуфиналето на Европското првенство, кое ќе заземе место на програмата на седми јули на „Вембли“.

Дали Данците можат да ја повторат 1992 година и по вторпат да го шокираат светот, или пак Италија, Шпанија, Англија/Украина се преголем залак за нив, останува да видиме.

 

 

 

Фото:

Twitter / @EURO2020

 

д.ј