Во времето на СФРЈ, Гевгелија по Сежана и Белград беше трета најбогата општина според БДП. Според градоначалникот на општина Гевгелија, Сашко Поцков кој беше гостин во денешното издание на емисијата Стадион на канал 77, се должело како прво на степенот на децентрализацијата.
„Тогаш имаше Извршен совет и сите структури кои денес се или под Централната власт и под ингеренции на локалната власт тогаш биле под ингеренција на Извршниот совет на Гевгелија. Се’ било локално, и управата на Царината, и Бирото за вработување и МВР и општата болница.Тогаш кадровското екипирање било од страна на локалната власт. Втората причина била што тогаш имало поголем степен на фискална децентрализација. Тогаш имало три вида даноци-сојузен, републички и општински. Значи одиме на граница и треба да се плати царина, од износот на тој што треба да плати царина, 33,3% оделе во Белград, 33,3% во Скопје и 33,3 % во општината,“ образложи Поцков.
Тој вели дека е поборник за поголема децентрализација , затоа што од казино бизнисот, Гевгелија не добива ништо.
„ Од 23 % од давачките кои што казино бизнисот ги дава кон Централната власт, за општините останува само персонаниот данок за вработените и данокот на имот, кој што секој од нас го плаќа. ДДВ на централно ниво се полни а потоа по клуч се враќа по 4 параметри-4% за сите општини и од таа сума се распределува подеднакво на сите по 4,5 %.,“ вели Поцков.
Според него тие што се побогати, посилни општини треба да одат напред, да се направи еден фонд за понеразвиените општини, како што било во времето на Југославија кога Словенија и Хрватска го полнеа тој фонд и да се признае можноста, кој е посилен да оди напред, да нема систем на ураниловка.
„ Исто така сум поборник, делот од давачките на казината од 23%, 3% да остане како што е и до сега за здравството а од делот што е 20%, да се дели 17% на Централниот буџет, а 3% на општинскиот буџет,“ додава Поцков.
Тој вели дека е против новиот закон за игрите на среќа, но не во целост.
„Сакам да се издвојат казината, тие што хотели-казина со 5 ѕвезди од останатите. Не може хотелите-казина да имаат ист третман со кладилница која е земен дуќан под кирија од 200-300 евра,“вели градоначалникот на Гевгелија кој потенцира дека локалната економија на општината зависи во голема мера од тие казина како и од престојот на Грците.