Германски фирми сериозно погодени од санкциите на Трамп – ММС
ММС

Објавено на: 08/10/18 6:57 AM

Германски фирми сериозно погодени од санкциите на Трамп

Германски компании се соочуваат со зголемена штета поради политиките на САД за санкции воведени од претседателот Доналд Трамп, вклучувајќи ги и оние против Иран, како и поради царините што ги воведува во трговската војна со Кина, предупредуваат германски бизнис асоцијации.

– Секако дека американската политика влијае врз надворешната трговија на Германија, рече шефот на трговската асоцијација БГА, Холгер Бингман.

Шефот на одделот за надворешна трговија на Сојузната стопанска и индустриска комора на Германија (DIHK) Фолкер Трејер тврди дека меѓународната средина станува се покомплексна за германските компании. Според него, многу германски трговски партнери се погодени од мерките на САД и нивните ефекти, кои, за возврат, го оштетуваат нивниот бизнис со германските компании.

Бингман ја повика германската влада да претстави план за заштита на германските компании по најновите американски санкции против Иран, наведувајќи дека ако Берлин не го стори тоа, германските компании би можеле постепено да престанат да прават бизнис таму.

Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, во понеделникот рече дека Германија, Франција и Велика Британија се решени да ги заштитат европските компании што работат во Иран користејќи го блокирачкиот статут, европски закон за блокирање на санкциите.