Основачот на „Амазон“, Безос, на своето патување во вселената покани 82-годишна поранешна жена пилот – ММС
ММС

Објавено на: 07/2/21 2:44 PM

Основачот на „Амазон“, Безос, на своето патување во вселената покани 82-годишна поранешна жена пилот

Џеф Безос, основач на американскиот гигант за електронска трговија „Амазон“, ја поканил 82-годишната поранешна пилотка Мери Валас Фанк, како почесна гостинка на своето патување во вселената на 20 јули, пренесува Агенција Анадолија (АА).

На веб-страницата на компанијата за вселенски туризам „Блу Ориџин“, сопственост на Безос, се наведува дека Фанк, која, поради тоа што била жена била спречена да биде астронаутка во 1960-тите години, е поканета на вселенското патување на Безос.

Во изјавата дадено е место и за видеото од Безос и Фанк.

Безос на својот профил на Инстаграм за Фанк напиша: „Никој не чекаше толку колку што чекаше таа. Веќе е време. Добре дојдовте во тимот. Возбудени сме што на 20 јули ќе летате со нас како почесна гостинка.“

Исто така беше споделена информацијата дека Фанк се обучувала со 13 жени кандидати за астронаутки во рамките на програмата на приватна компанија во 1960-тите години, но поради политиката на НАСА да изберат само машки пилоти, ниту една од жените не станала астронаутка.

На 12 јуни, едното празно место за патување во вселената со Безос беше продадено за 28 милиони долари преку интернет-аукција.

„Блу Ориџин“, која за првпат ќе носи луѓе во вселената, не го откри името на лицето кое го купило седиштето. Се наведува дека на аукцијата за седиштето учествувале 7.000 луѓе од 159 земји.

Наведено е дека шест патници, вклучувајќи го и братот на Безос, ќе бидат дел од патувањето од базата „Ван Хорн“ во американската сојузна држава Тексас.