Од 1 јули македонските граѓани слободно комуницираат преку своите мобилни мрежи додека се наоѓаат во Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора со процесот RLH (roam like home), односно корисниците на мобилни комуникации ќе можат да зборуваат и да трошат дел од интернетот без да плаќаат за услугата роаминг кога се наоѓаат надвор од матичната земја.
ММС објави ексклузивно од АЕК дека бесплатниот роаминг не значи и целосно бесплатен интернет, односно дека операторот очекува од корисникот да потроши интернет во роаминг колку што би потрошил додека е во Македонија пропорционално на времето кое го минува во странство.
Вчера еден од двата најголеми оператори, А1 испрати прецизно појаснување за користењето на интернет пакетите во земјите од Западен Балкан, а денес Агенцијата за електронски комуникации на својот Фејсбук профил ги одговори сите неразјаснети прашања кои се појавија околу користењето на интернетот кога корисниците ќе бидат во роаминг додека престојуваст во Србија, Албанија, БиХ, Косово и Црна Гора.
Прашањата и одговорите ги пренесуваме интегрално од Фејбсук профилот на АЕК:
- Прашање: Покрај Република Северна Макединија, кои други земји се опфатени во договорот?
Одговор: Република Албанија, Република Србија, Република Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
- Прашање: Дали разговорите ќе бидат бесплатни?
Одговор: Со роаминг услугите во земјите на Западен Балкан корисниците ќе имаат право да ги користат услугите вклучени во нивните тарифни модели, тарифирани под истите услови како „дома“, се до нивно искористување (разговор/ СМС).
- Прашање: Дали мобилниот интернетот ќе биде бесплатен?
Одговор: Не, мобилниот интернет ќе биде бесплатен до моментот на искористување на точно определена количина пресметана од страна на Операторот, согласно правилата за фер користење, а во зависност од претплатата која корисникот ја плаќа. На web страната на Операторот треба да има детални информации за количината на интернет која му следува на корисникот кој роамира во земјите опфатени со овој Договор.
- Прашање: Дали изборот на партнер-операторот е предуслов или важи за сите партнер-оператори во опфатените земји, рачен или автоматски мод за избор на оператор?
Одговор: Не, изборот на оператор не игра улога во користењето на услугите во земјите опфатени со овој Договор.
- Прашање: Дали важат механизмите за заштита од АЕК, при достигнат висок износ во роаминг?
Одговор: ДА, при достигнат трошок од 1.000 денари (со ДДВ) мобилниот интернет се деактивира, по што е неопходна реактивација, а при достигнат трошок од 3.000 денари (со ДДВ), нема да бидете деактивирани, туку само известени со СМС.
Идејата на договорот е да им олесни на оние што прават бизнис во регионот и на туристите со оглед на фактот дека е зголемена регионалната соработка во сите економски сектори.
– Операторот има историја на потрошувачка на услугите за секој корисник и отприлика очекува исто однесување од нив ако патуваат во една од овие земји. На пример, имате пакет со 10 гигабајти интернет и го трошите за четири недели. Ако одите на седумдневен одмор во регионот, операторот очекува од вас да потрошите 2,5 гигабајти за една недела, односно една четвртина. Ако троши 10 гигабајти и потроши 100 гигабајти, таа разлика ќе ја плати корисникот. Затоа, не се опуштајте со интернетот додека сте на плажа, затоа што бесплатниот роаминг не значи и целосно бесплатен интернет – објасни Игор Бојаџиев за ММС.
За да се избегнат проблемите со корисниците кои поради неинформираност би можеле да потрошат повеќе интернет отколку што имаат во домашниот пакет, од АЕК велат дека според Правилникот, кога корисникот ќе го искористи својот мобилен интернет, операторот треба да прати барање до АЕК за стопирање на услугата и со тоа би се избегнале неочекувани сметки од 200 до 300 евра.
Орце Костов