Се надевам дека ќе ја израдувам Македонија со медал – Со таеквондистот Дејан Георгиевски пред настап на Олимписките игри во Токио – ММС
ММС

Објавено на: 07/3/21 7:31 PM

Се надевам дека ќе ја израдувам Македонија со медал – Со таеквондистот Дејан Георгиевски пред настап на Олимписките игри во Токио

Со обезбедена А-норма и победа против олимпискиот и светски првак од Азербејџан, македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски ќе ги брани боите на земјата на Олимписките игри во главниот град на Јапонија. Олимпијадата започнува на 23.јули годинава, а со Георгиевски за mms.mk зборувавме за амбициите и прогнозите од Токио, подготовките пред големиот собир, но и за тоа што конкретно треба и мора да се направи за развивање на таеквондото во нашата држава.

Колку победа над силен опонент од Азербејџан, олимписки и светски првак, ја зголемува самодовербата пред Олимпијадата во Токио?

-Па таа победа има големо значење за мене, бидејќи дојде против олимписки шампион, но тоа ми значи и не ми значи. Таму е кремот, таму се сите најдобри. Јас сум помеѓу нив и сигурен сум дека можам да победам било кој противник и немам проблем со тоа.

Пред неколку години изјавивте дека ви недостасуваат медали од Светско првенство и Олимписки игри. Олимпијадата ни е пред нос, па какви се вашите очекувања и дали Македонија може да се надева на едно од трите места на олимпискиот пиедестал од европскиот првак Георигиевски?

-Па секако дека се надевам. Бидејќи како што најавив пред некое време, недостасуваат медали од Светско првенство и Олимписки игри. Сега имам можност и се надевам дека нема да ја прокоцкам и ќе се вратам да ја израдувам Македонија со медал од Олимпијада.

Како се подготвувавте во изминатиот период пред почетокот на игрите и патувањето во Токио?

-Прво бевме во Крушево на подготовки, таму го правевме базичниот дел. Пред некој ден се вративме од Охрид, таму фокусот беше на техничкиот дел, специфично таеквондо, спаринзи и сега тука сме во Скопје, во Бутел, продолжуваме уште неколку дена со подготовки и со Господ напред, одиме за Токио.

Одложувањето на еден голем спортски настан за кого спортистите се подготуваат макотрпно и секојдневно, би можело да влијае на различни начини врз менталната состојба на секој учесник во индивидуалните спортови. Дали вам тоа што Олимпијадата е во 2021 година ви помогна, ви „купи малку време“, или ви делуваше по малку и индиспонирачки?

-Не, мене баш добро ми дојде, можеби бидејќи сум една година постар, имам повеќе искуство. На многумина им пречеше што е така, но ние имавме повеќе време да се подготвиме, повеќе одошто треба и донекаде е во ред тоа што се одложи, гледајќи од тој аспект.

Здравствените протоколи и рестрикции, со оглед на пандемиските околности, ќе ги затворат сите спортисти во Токио во „бабл“, за кој медиумите знаат да го поистоветат и со затвор. Каков е генералниот впечаток за сето тоа?

-Донекаде е во ред ако сме затворени таму, затоа што ќе имам некоја посебна посветеност и ќе можам да се фокусирам само на она за кое сум отиден таму и нема да губам енергија на непотребни работи. Така што, „исто ми се фаќа“ дали ќе бидеме во карантин или не, навистина ми е сеедно.

Со оглед на тоа дека некомерцијалните споротови, особено во нашата земја и опкружувањето не се доволно финансиски поткрепени за да може професионален таеквондист да егзистира исклучиво од својот талент и знаење, дали се занимаваш со некоја друга дејност, во некоја друга сфера?

-Не сум вработен никаде, студент сум на факултетот за Туризам и менаџмент и посветен сум повеќе на спортот, на таеквондото.

Што конкретно е потребно за развивање на таеквондото, но и останатите боречки спортови во државата? Недостаток на стратегија, спортска култура, волја…?

-Ние ќе направиме да дознае државата за нашиот спорт и веќе го правиме тоа подолг период. Слободно можам да кажам дека таеквондото можеби и станува водечки спорт во нашата држава со оглед на успесите во претходните четири-години. За тоа што треба да направи државата, за тоа треба да зборува некој постручен. Но треба да се обучат повеќе тренери во нашиот спорт за да се отворат повеќе клубови, зборам за квалитетни тренери, како што треба, не било кој да отвори клуб. Медиумите во последно време го актуелизираат нашиот спорт и помагаа да се прошири таеквондото, да дознае повеќе јавноста. Полека, но сигурно, луѓето го осознаваат овој спорт.

Давор Јосифоски

Фото:

Facebook / Македонска Таеквондо Федерација, Macedonian Taekwondo Federation WT