Канадскиот премиер Џастин Трудо и одредени локални лидери соопштија дека подметнувањето пожари и вандализмот насочени кон католичките цркви, откако беа пронајдени неозначени гробници во поранешните црковни училишни интернати, не е начин да се стигне до правда, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ова не е патот низ кој треба да се оди. Уништувањето на богослужбите е неприфатливо и мора да запре. Ние мора да работиме заедно за да ги поправиме грешките од минатото“, рече премиерот Трудо во изјавата во врска со опожарувањето на црквите во последните денови.
Пери Белегард, национален шеф на Советот на Првите нации (Assembly of First Nations), рече дека разбира дека луѓето се лути, но дека палењето цркви не е решение.
„Можам да ги разберам фрустрациите, лутината, повредата и болката, без сомнение. Но, да, опожарувањето не е наш стил. Патот е да градиме односи и да се здружиме“, нагласи Пери Белегард.
Изминатата недела се уништени шест историски католички цркви низ целата земја, од кои четири во Британска Колумбија, една во Алберта и една во Нова Шкотска, по откривањето на неименувани гробници на деца во области на поранешни црковни училишни интернати во Британска Колумбија и Саскачеван.
Во пожарите кои полицијата ги опиша како сомнителни, некои од црквите се оштетени, а некои целосно изгорени.
Неидентификувано лице или лица кои нацртале крвави раце на главниот влез од Катедралата „Свети Павле“ во Саскачеван напишале „Ние бевме деца“.
– Опожарен е и Центарот на домородците –
Од друга страна, по опожарувањето на католичките цркви, вчеравечер избувна пожар во Автохтониот центар во Шешатшиу, каде што живеат староседелци на канадските Индијанци („Првите нации“), во провинцијата Њуфаундленд-Лабрадор.
По пожарот во Центарот поголемиот дел од зградата е неупотреблив.
Во пожарот нема загинати или повредени лица.