Обвинетите во случајот „27 април“, Груевски, Велјановски, Јанакиевски, Ристовски, Атанасовски и Бошковски, изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија и со акт на насилство да оневозможат примопредавање на власта на новото парламентарно мнозинство.
Поранешниот претседател на собранието, Трајко Велјановски, имал цел по секоја цена да го спречи изборот на нов претседател на законодавниот дом, додека пак Спиро Ристовски и Миле Јанакиевски, непосредно организирале протести, координирајќи ги партиските ограноци и патриотските здруженија, изјави во завршниот збор за овој предмет пред судот, јавниот обвинител Вилма Рускоска.
Пред завршните зборови на обвинителството, Рускоска објави дека извршени се мали измени во изреката на обвинението и го информираше судот дека измените биле подготвени пред повеќе од 10 дена, а бранителите на обвинетите биле повикани да дојдат да земат примерок од истите.
-Во почетокот на 2017 година, по неуспешните преговори за формирање на Влада на Република Македонија, обвинетите Никола Груевски, Трајко Велјановски, Миле Јанакиевски, Спиро Ристовски, Владимир Атанасовски и Никола Бошковски, изготвија план со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија и со акти на насилство да оневозможат примопредавање на власата на новото парламентарно мнозинство. Тие организирале протести кои материјално ги помагале, го намалувале присуството на полициски службеници на 27 април, ангажирале лица за вршење насилство за да се спречи изборот на претседател на собранието. Со тоа што обвинетиот Груевски, сега недостапен на судот, ги повикал граѓаните на протести, користејќи медиуми со зборовите „Народот да не седи дома во папучи и да ја земе судбината во свои раце“, рече Рускоска.
Обвинетиот Велјановски, додаде обвинителката, не го ставил на гласање предлогот на пратеникот Оливер Спасовски, кој имал потписи од 10 пратеници, за да се опструира изборот на неговиот наследник.
Улогата на Јанакиевски и Ристовски, според обвинителството била повеќе „теренска“, односно нивната задача се состоела во организирање протести под името „За заедничка Македонија“, додека пак тогашниот директор на Управата за безбедност и контраразознавање, Владимир Атанасовски, со акти на насилство се обидувал исто така да го спречи изборот на претседател во собранието.
Ристовски и Јанакиевски, биле во постојан контакт со Велјановски во текот на целиот „крвав четврток“ и го информирале за ситуацијата на терен, а според исказот на сведокот Младеновски, веќе осудениот Александар Василевски – Нинџа, во угостителскиот објект „Аристократ“ изјавил дека доколку дојде до избор на нова влада, ќе има насилство. Атансовски и Бошковски, како и Јанакиевски и Ристовски, ги координирале протестите на патриотските здруженија.
-ОЈО докажа дека обвинетите кои седат овде изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија и со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта. Слушнавме сведоци, видовме и прочитавме многу материјални докази, предложени од одбраната и обвинителството. Од сето тоа единствено што придонесе е потврда на обвинението. ОЈО докажа дека секој од нив имал своја улога, како во настаните кои претходеа на 27 април, така и на самиот ден, завршува Рускоска.
Следното рочиште е закажано за шести јули, кога одбраната ќе ги има завршните зборови.
Фото:
Facebook / MIA / Livestream / Screenshot
д.ј