„Утре е историски ден за регионот. Ги елиминираме бариерите, границите и тарифите за мобилните телефони. Балканот утре ќе биде со слободен роаминг. Тоа е само првиот чекор. Она што ние во РЦЦ успеавме да го направиме со роамингот за мобилните телефони, се надеваме дека ќе го направиме и со луѓето и бизнисите на Балканот, истакна Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Советот за регионална соработка (РЦЦ) пред две години кога шест држави од регионот седнаа и го потпишаа Регионалниот договор за роаминг.
Во својата колумна посветена на утрешниот ден кога почнува целосното укинување на трошоците за роаминг без оглед каде патуваат низ регионот, Брегу ја раскажа приказната за „Роаминг како дома“ за Западен Балкан која ќе го смени животот на граѓаните во регионот.
„Често бевме прашувани што навистина значи укинувањето на роамингот за Западен Балкан.Би рекла, тоа е повеќе од вредноста на заштедените пари што ги носи РДР. Повеќе станува збор за поврзувањето! Со создавањето на подлабоки врски луѓето се чувствуваат подобро. Зборувањето со саканите преку телефон или преку видео можеби не предизвикува исто ниво на среќа како гушкањето, но е човечко и нема да чини богатство, туку како да се јавуваш од соседната соба. Социјалните врски се примарна потреба на секое човечко суштество. Но, повторно, парите не се неважни. Со укинувањето на роамингот во Западен Балкан и граѓаните истопанството ќе добијат повеќе за нивните пари„ додаде Брегу.
Таа се обиде да го илустрира договорот преку сопствениот пример. Брегу е од Тирана и работи во РЦЦ во Сараево, патува често со автомобил низ Балканот и секојпат кога ги минува границите, мора да проверува дали и се исклучени мобилните податоци.
„Токму така, да се биде шеф не значи и да се има луксуз на ниски телефонски сметки и покрај вообичаеното верување. Но, сега, ваквите грижи не постојат, бидејќи штом ќе ја минам границата и ќе се промени операторот, јас сум повторно во мрежата со вклучени мобилни податоци без да платам ни денар повеќе отколку што нормално би платила за повици, пораки или одговарајќи на многуте меилови.
Важно е да се напомене за да се избегнат некои недоразбирања: ние се уште ќе си ги плаќаме услугите на нашите оператори, но овој договор овозможува да се чувствуваме како дома, каде и да се движиме на Балканот. Ова не значи дека можете да гледате филм на Нетфликс со вашиот интернет пакет!„ , истакна Брегу.
О.К.