Не се опуштајте на плажа со филмови и музика, штедете го интернетот – Бесплатниот роаминг од 1 јули не значи и неограничен интернет во странство – ММС
ММС

Објавено на: 06/30/21 10:00 AM

Не се опуштајте на плажа со филмови и музика, штедете го интернетот – Бесплатниот роаминг од 1 јули не значи и неограничен интернет во странство

Од утре македонските граѓани ќе можат слободно да комуницираат преку своите мобилни мрежи додека се наоѓаат во Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.

Официјално, од 1 јули ќе се олесни комуникацијата помеѓу овие шест земји со процесот RLH (roam like home), односно корисниците на мобилни комуникации ќе можат да зборуваат и да трошат дел од интернетот без да плаќаат за услугата роаминг кога се наоѓаат надвор од матичната земја.

Процесот почна во 2019 година кога владите на шесте земји потпишаа спогодба со која се согласија прво постепено да ги намалат цените на роамингот, а потоа тие да бидат целосно укинати помеѓу земјите од Западен Балкан.

Во разговор со ММС, Игор Бојаџиев, советникот за радиокомуникации на директорот во АЕК, објасни зошто оваа промена се случува само во овие земји и каква корист ќе имаат граѓаните при патувањата.

– Постојат пакети со неограничен интернет и мобилни разговори, смс и ммс пораки… Кај сите овие земји е иста методологијата и системот на комуникациите, а генерално имаме и ист или сличен стандард во регионот. Во Европската унија ова не е така затоа што имате земји со различен стандард и квалитет на плаќање. Ќе ја земам за пример Бугарија која има сличен стандард на нашиот, а е членка на ЕУ. Таа на пример, има пакет од 10 евра со неограничени мобилни услуги, но истиот пакет чини 50 евра во Шведска. Ако се даде можност да биде исто, Швеѓаните би доаѓале во Бугарија да склучуваат договори и тогаш таа би имала најголема база на корисници. За да се избегне оваа злоупотреба, се воведува овој начин на плаќање, наречен RLH (roam like home) или плаќање по домашни цени – истакна Бојаџиев.

Идејата на договорот е да им олесни на оние што прават бизнис во регионот и на туристите со оглед на фактот дека е зголемена регионалната соработка во сите економски сектори.

– Операторот има историја на потрошувачка на услугите за секој корисник и отприлика очекува исто однесување од нив ако патуваат во една од овие земји. На пример, имате пакет со 10 гигабајти интернет и го трошите за четири недели. Ако одите на седумдневен одмор во регионот, операторот очекува од вас да потрошите 2,5 гигабајти за една недела, односно една четвртина. Ако троши 10 гигабајти и потроши 100 гигабајти, таа разлика ќе ја плати корисникот. Затоа, не се опуштајте со интернетот додека сте на плажа, затоа што бесплатниот роаминг не значи и целосно бесплатен интернет – објасни Игор Бојаџиев.

За да се избегнат проблемите со корисниците кои поради неинформираност би можеле да потрошат повеќе интернет отколку што имаат во домашниот пакет, од АЕК велат дека според Правилникот, кога корисникот ќе го искористи својот мобилен интернет, операторот треба да прати барање до АЕК за стопирање на услугата и со тоа би се избегнале неочекувани сметки од 200 до 300 евра.

–  Новите смартфони го мерат количеството на потрошен интернет, но не секогаш е точно. Кога симнувате некој фајл од 11 мегабајти, можно е да се случи да ви прекине интернетот и фајлот да запре на 3 мегабајти. Во меѓувреме кога ќе воспоставите интернет, фајлот ќе се симнува од почеток. Затоа најточните податоци за потрошен интернет ги имаат операторите кои водат евиденција од кога до кога и во кој период од денот колку сообраќај е направен. Роаминг како дома не значи се да биде бесплатно, туку и да се штеди на услугите, а притоа да се олесни животот на граѓаните во регионот кои 80% од своите бизниси ги остваруваат во овие шест земји – додаде Бојаџиев за ММС.

Ова значи дека претплатникот кој има пакет со разговори кои се наплаќаат по 3 денари од минута и интернет од 10 гигабајти, но плаќа за смс пораки по 5,9 денари со ДДВ, ќе може да се јавува без роаминг трошок за воспоставување повик и ќе го плати само повикот од три денари по минута. Ќе му се наплатат и смс пораките по истата цена како и во Македонија, а ќе може да троши интернет пропорционално според Правилникот за политики за фер користење.

Операторите, пак, сакаат прво да го разгледаат Правилникот за политики на фер користење на роаминг услугите и на 1 јули на своите страници ќе ги објават сите ценовници и тарифници за користење мобилните услуги во овие земји, за да не нема забуни кај граѓаните кои очекуваат и неограничени услуги како што неодамна најави Владата.

Орце Костов

фото: Shutterstock