Капитенот и селектор на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, следната година ќе оди во играчка пензија. Легендарниот бек-шутер и еден од најдобрите стрелци во историјата на играта, на официјалниот клупски веб-сајт на франускиот клуб Нант, најави дека по сезоната 2021/2022 ќе стави крај на професионалната кариера.
Лазаров во интервјуто за францускиот учесник на годинешниот фајнал-фор во Лигата на шампионите, изјави дека се чувствува убаво во Нант и ја соопшти веста од која „стравуваат“ сите фанови на ракометот.
-Mногу сум среќен што можам да останам уште една година во Нант, особено после оваа сезона кога успеавме како резултат на добрата работа да се пласираме во фајнал-форот во Лигата на шампионите. Овде во Нант се чувствувам добро, овде сме како едно семејство. Поврзан сум со навивачите, со клубот. Физички се чувствувам добро и мислам дека можам да изиграм и следната сезона. Но, одлучив, ова ќе биде мојата последна сезона во професионалниот ракомет, рече Лазаров.
Вклучувајќи ја и следната 2021/2022 кампања, иконата на македонскиот и светскиот ракомет ќе се задржи во дресот на Нант пет години, идентично колку и во унгарскиот првак Веспрем, пред да се пресели во Шпанија.
Во група со Швајцарија, Финска и Данска, македонската селекција предводена токму од Лазаров како тренер-играч, избори пласман на Европското првенство во 2022 година. Лазаров кариерата ја започнува во младите категории на Овче Поле, а подоцна се сели во велешки Борец.
Интернационалното поглавје за него започнува со трансферот од Пелистер во Загреб. На Светското првенство во 2009 година во Египет, Кире Лазаров го руши рекордот за највеќе постигнати голови на еден турнир, вкупно 92.
Фото:
hbcnantes.com
д.ј