(Видео) Не би бил толку успешен да не беше поддршката од моето семејство – Одблизу со скопскиот градоначалник Петре Шилегов – ММС
ММС

Објавено на: 07/2/21 10:00 AM

(Видео) Не би бил толку успешен да не беше поддршката од моето семејство – Одблизу со скопскиот градоначалник Петре Шилегов

Еден непознат автор еднаш има кажано дека „семејството е најголемиот благослов во животот. Група што сонува, се смее, си игра и се сака заедно. Оние на кои секогаш можеш да се потпреш. Секогаш се тука, не само во добрите моменти. Тоа е најскапоцениот подарок“. Има многу вистина во овие неколку редови. Семејството како столб, како поддршка за да некои работи во животот ги направиш похрабро.

„Не би бил толку успешен да не беа тие такви какви што се, за што сум им благодарен“, рече и гардоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во интервју за ММС кој потенцираше дека неговото семејство му е главната поддршка во работата и она што тој е денес.


„Не би можел човек квалитетено да се бави со политика, ако од друга страна пак семејството не му е главната поддршка во таа работа. Да, имам сериозна поддршка од сите дома, сериозно разбирање, токму заради интензитетот и времетраењето на ангажманите кои што ги има ова место, градоначалник на Скопје. И мислам дека не би бил толку успешен да не беа тие такви какви што се, за што сум им благодарен“, рече Шилегов.

Во неколку минутната средба со првиот татко на градот одвоивме прашања со кои сакавме одблизу да го запознеме. Бидејќи неговата работна канцеларија се наоѓа во најубавиот дел од нашето Скопје, Градски парк неизбежно беше да го прашаме, колку често знае да помине квалитетно време во друштво на своите најблиски во Градскиот парк.

„Ако мислите во кругот на соработниците, знаеме често и свесно да огранизираме тука настани, ако мислите на делот на приватниот живот за жал многу тешко или невозможно имајќи го предвид ангажманот кој што во моментов го работам и времето кое се посветува на градоначалничката функција, остава многу малку простор за приватност“, вели Шилегов.

Првото утринско кафе најубаво е дома во кругот на своите, кога како што вели тој телефоните се’ уште „спијат“.

„Првото кафе секогаш традиционално си го пијам дома затоа што тоа ми е единствениот мирен период во денот, тие неколку часа или два љубоморно ги чувам за себе за семејството. Навистина само тогаш може да се разговара по дома, да се напие човек раат кафе, тоа е миерен период кога сеуште и телефоните не се во игра толку интензивно. Потоа одам на работа, а до таму одам зависно од работните обврски. Ако денот ми започнува според протокол тогаш со возач или сам со своето возило. Знам да додјам со велосипед, со тротинет, тоа е различен начин на функционирање, во зависност од ангажманите кои следат во денот“, раскажува градоначалникот Шилегов.

На нашето потпрашање дали додека патува со велосипед или тротинет до работното место наидува на препреки на вело патеките во Скопје, градоначалникот вели дека неговата релација Тафталиџе – Парк има одлична вело инфраструктура, но вели не е се совршено.

„Па, не од две причини. Прво од Тафталиџе до тука е релативно добра инфраструктурата, второ што многу изминативе три години ја развивме велосипедската инфраструктура и Скопје е град со над 100 километри велосипедски патеки. Драго ми е што во градовите од регионот, Скопје го посочуват како добар пример за Вело Град, но се забележува и по бројот на граѓаните што ги користат велосипедските патеки. Не е совршено, да не бидам лошо разбран, но сме сериозно напреднати“, вели Шилегов.

Низ разговор го навративме на неговото детство, па прашавме која е улицата на која израснал и како е да се живее во Скопје во две различни времиња. Ни отркие дека компарација не може да се направи бидејќи се две различни времиња

„Неспоредливо е времето во кое што јас растев и времето во кое што сега живеам. Ако тогаш на мои 10 -на години ми кажувавте или на било кој дека низ Скопје ќе се шета со мобилни телефони, интернет, како категорија не постоеше како израз. Јас израснав во Бутел, улицата се вика „Петар Манџуков“, сега живеам во Тафталиџе улицата сега повторно се вика „Мексичка“. Не може да се спореди Скопје со тогаш и сега“, вели Шилегов, кој ги откри омилените места кои биле „шема“ во времето кога тој бил адолесцент. Дефинитивно „Бони и Ани“ култното место на многу скопјани било едно од омилените места во тогашно Скопје, рече тој и додаде:

„Тогаш чаршија беше главно место во Скопје, кога бев адолесцент во тоа време , крајот на 80 -те. Старата Скопска чаршија беше најпосетеното место. Во меѓувреме полицентричен ми стана градот, посебно во омилени места за излегување. Кога зборувам полицентрично, мислам на Аеродормци си имаат своја приказна, исто Карпош и не е фокусот на Центарот. Не сакате да знаете како беше пред „Бони и Ани“, тоа беше два од пеете кафулиња кои што тогаш во Скопје постоеа кај  Грчка амбасада. Таму беше… не мсилам дека опозицијата би можела да собере повеќе луѓе во моментов колку што имаше навечер млади дечки кои што стоеја пред кафуле“, се присети скопскиот градоначалник.

За во денешно време и прошетките во главниот град, градоначалникот Петре Шилегов вели дека нема многу слободно време, но кога го шета градот сака тоа да го прави со семејството и обично тоа е на Кеј, обожава да се прошета до Матка и Водно, но дефинитивно најдобар одмор има во Маврово, бидејќи е најмирно, вели градоначалникот.

Спортувањето не му е силна страна, ретко се качува на Водно, но три пати успеал да ја искачи велосипедската патека на Водно за која смета дека е една од поубавите работи смислена за тој концепт.

По професија е адвокат. Пред да се вклучи во политичките води и пред да се стекне со професионалната тутула адвокат, Шилегов работел како адвокатски приправник каде го заработил и првиот хонорар.

„Тогаш нашите родители убаво живееја од платите, тогаш просечната средна класа навистина добро живееше. Првите пари или хонорар си ги заработив како адвокатски приправник и изнесуваше 150 марки. Зборуваме за 1994 -1995 година тоа беа сериозни пари“, вели градоначалникот.

Доколку се вратите на вашата првобитна професија, адвокат и некој од опозиционерите побараат од вас да ги застапувате, ќе застанете на страната на правото односно вашата професија како адвокат или во функција на политиката?

„Доброто во адвокатурата е што секогаш можеш да одбереш кого сакаш да го застапуваш, те бираат да ги застапуваш, но и ти бираш кого да застапуваш. Во мојата адвокатска кариера имам одбиено застапување, затоа што тоа се косело со моите морални вредности. Не сум одбирал дали по политика, националност или вера , туку тоа што го има направено. Нема да обијам било кој без оглед на неговата политичка припадност, освен ако не се коси со моите морални сфаќања“, одговори градоначалникот Шилегов.

Во нивниот дом покрај неговата сопруга Јасмина и двете деца, го имаат и петтиот член од семејството кој всушност го има и најважното место и сето внимание. Тоа е кученцето Тоби, по раса бушон. Шилегов ја раскажа случката со уличното кученце Рекс кое сакало да стане пријател со Тоби, кое подоцна било згрижено и третирано и си добило свое семејство.

„Заштитивме едно кученце Рекс кое многу потсетува на нашиот Тоби, Тоби е бишон. Како што го шетавме Тоби, Рекс постојано го среќававме, личеше дека е напуштено, го згриживме во ЈП Лајка и го дадовме на оглас, преку системот на Лајка и посвоено е од едно прекрасно девојче и сеуште комуницираме со нив. Тоби е петтиот член на нашата фамилија и е центарот. Благородни се животинките, токму и поради тоа јас инсистирав да ги подобриме условите во поранешниот стационар „Вардариште“ и мислам дека успеавме тоа радикално да го направиме. Скопје е еден од ретките градови во Европа со овој квалитет на стационар. Она што го започнавме е макотрпно на почеток да го правиме, а тоа дека ги пребројавме кучињата скитници, а тоа е 1783 кога го пуштивме Лајка. Сега ќе направиме една година и ќе направиме скен броење колку сме успале. Знам дека досега успеавме преку 200 миленици да се посвојат. Перцепцијата кај луѓето за Лајка е погрешна, не е тоа фарма за кучиња, ние ги заловуваме, третираме, оздравуваме, правиме обид за нив да ги дадеме на посвојување, ако не успееме ги враќаме на местото од каде што ги имаме земено“, изјави градоначалникот.

Габриела Додевска

Фото: Вангел Тануровски

Видео: Кире Андонов