Она што само писмено се официјализираше минатиот петок, денес и визуелно го виде комплетната кошаркарска Европа. Најголемиот и најтрофејниот тренер на „стариот континент“, Жељко Обрадовиќ, беше претставен пред јавноста како нов предводник на белградски Партизан.
Цели три децении откако за првпат застана на чело на црно-белите и ја покори Европа во финалето со Хувентуд, Обрадовиќ се врати „на местото на злосторот“, онаму каде што за него започна сè. На прес-конференција во која учествуваа претседателот на КК Партизан, Остоја Мијаиловиќ, спортскиот директор Зоран Савиќ и самиот Жељко Обрадовиќ, се стави потврда на големиот кам-бек на искусниот декориран стратег.
-Не постои во Европа клуб кој има дадено толку играчи и толку трофеи на европската и светската кошарка. Единствениот клуб во тој ранг е можеби Реал Мадрид. За мене оваа одлука беше поприлично лесна, јас тоа уште минатата седмица го знаев. Можам да ветам дека од моја страна ќе направам сè да ги спуштам тензиите, да не споменувам помеѓу кого. Тоа не е добро за никој, треба да работиме на унапредување на кошарката. Да бидеме ние тие кои ќе направиме добра атмосфера и сите луѓе да го препознаат тоа, рече Обрадовиќ.
Популарниот Жоц додаде дека амбициите се на највисоко можно ниво, а желбата за стартот за старо-новото поглавје во професионалната кариера никогаш не била поголема.
-Она што би сакал е Евролигата во еден момент да препознае дека на овие простори има клубови кои ја имаат „задолжено“ и со тоа да пронајдат начин што повеќе клубови од регионот да бидат постојани учесници. Што се однесува до амбициите, тие се највисоки. Свесен сум дека многу се очекува и можам да кажам дека нас не интересира само Евролига. И тоа не само една сезона, туку со години да играме во тоа натпреварување. Тука ни е местото, тука заслужуваме да бидеме, изјави Жоц.
Како први засилувања во „европскиот“ Партизан се споменуваат чешкиот центар Јан Весели и францускиот крилен центар, Жофри Ловерњ.
Фото:
KK Partizan NIS
д.ј