Иднината на сите нас е во ЕУ, а регионот нема друга иднина, вели Џафери – ММС
ММС

Објавено на: 06/28/21 4:13 PM

Иднината на сите нас е во ЕУ, а регионот нема друга иднина, вели Џафери

Претседателот на Собранието Талат Џафери на Самитот на спикери на Парламенти од Западен Балкан на тема „Фундаменталната улога на парламентите во процесот на проширување на ЕУ во пост-КОВИД ерата” во Брисел денеска истакна дека нашите држави и националните парламенти се справуваат со многу прашања како во однос на актуелната пандемија, така и во однос на интегративниот пат за членство во Европската унија. Џафери повика на итна реакција и понуда на конкретни патокази за земјите од Западен Балкан во однос на проширувањето, а за Северна Македонија посочил дека нашите најголеми достигнувања и реформите не не внесоа во следната фаза поради унилатерални барања за одредени историски прашања.

– Нашите најголеми достигнувања, согласно европските критериуми, донесувањето на пакетот комплексни реформи и надминувањето на долгогодишните отворени прашања со соседите, сепак нѐ не внесоа во следната фаза на процесот на интеграција, поради унилатерални барања за одредени историски прашања. Со оглед на турбулентното минато на регионот, доколку тие станат дел од пакетот обврзувачки критериуми, истите можат сериозно да го нарушат кредибилитетот на Унијата и концептот на процесот на проширување. За нив не треба да има место во европското интегративно портфолио и од тие причини, потребна е итна реакција и понуда на конкретни патокази за земјите од Западен Балкан за следните чекори до нивното членство во Европската унија, а за Република Северна Македонија одржување на првата Меѓувладина конференција, истакнал Џафери.

Во текот на преговорите, како што посочува, Собранието ќе продолжи да има активна, видлива и конструктивна улога и со свои предлози и сугестии ќе придонесува во донесувањето на потребното законодавство и во градењето општествен консензус за придобивките и предизвиците од пристапувањето во Европската унија.

-Имајќи ја предвид комплексноста и обемноста на европскиот законодавен пакет, очекуваме понатамошна континуирана и плодна соработка на сите нивоа со Европскиот парламент како наш долгогодишен поддржувач и партнер, но и со сите земји од регионот со кои ја негуваме определбата за споделување заеднички европски вредности. Иднината на сите нас е во ЕУ, а регионот нема друга иднина. Тоа треба да биде една од главните пораки кои треба да бидат испратени по завршувањето на овој Самит, рече Џафери.

Зборувајќи за работењето во услови на Ковид-19, претседателот на Парламентот истакнал дека од една страна, делумната или целосната парализација на нашите општества во екот на пандемијата, покрена низа прашања за тенката линија на поделба на надлежностите на извршната и законодавната власт.

-Главните одлики на парламентите во сите европски демократски општества, поточно нивната законодавна, контролна и информативна функција, како уште еднаш да беа доведени во прашање во процесот на донесување на одлуки, компаративно гледано во контекст на пандемијата и историскиот развој на денешната Европска унија, рече Џафери.

Собранието на Република Северна Македонија, како што додаде, беше исправено пред многу дилеми во изминатата година, заради различните толкувања во постојната правна рамка, политичкото несогласување на опозицијата за работа на далечина, што подразбираше активности сведени на минимум согласно медицинските протоколи и рестриктивните мерки за физички пристап на јавноста во зградата на Собранието.

-Како резултат на овие преземени чекори, граѓаните почнаа помасовно да ги користат дигиталните платформи за добивање на информации, кои на одредени центри на моќ им овозможија доминација на тој простор за нивни цели. Преку злоупотреба на корона наративот, често имавме наплив на дезинформации во однос на пандемијата, владините активности за справување со нејзините последици, но и за евроинтеграциските процеси, што не принудуваше како политичари промптно да реагираме и да се осигуриме дека точните информации на крајот сепак ќе стигнат до граѓаните, рече Џафери.

Од друга страна, според него, пандемијата покажа дека виртуелните настани овозможија одреден континуитет во делот на водењето на парламентарната дипломатија, овозможувајќи реализирање на меѓународни средби, кои во стандардни услови налагаат поголема организација и подготовка. Сепак, општ заклучок може да биде дека традиционалното работење на парламентите, физичкото присуство и нашите лични контакти се несомнено најдобриот и незаменлив modus operandi, а повременото користење на хибридниот или виртуелниот формат за работа може сосема солидно да послужи во услови кога е оневозможено физичкото присуство и за обезбедување на поголема вклученост на граѓанското општество, особено во текот на преговорите.

Џафери, денеска и утре по покана на претседателот на ЕП Давид Сасоли, учествува на Самитот на претседатели на Парламенти: Европски парламент – Западен Балкан во Брисел. На Самитот учествуваат претседатели на парламенти од Словенија, Португалија, Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора и Србија. Во рамките на Самитот денеска се одржа состанок на Комисијата за надворешни работи (АФЕТ), во соработка со постојаните делегации од Западен Балкан, и претседателите на Парламенти од Западен Балкан.

 

 

МИА