Се наоѓаме во ситуација која доста ја очекувавме, сега веќе имаме кристализирани ставови, смета директорот на Институтот за имунологија д-р Александар Петличковски. Според него, вакцината е најдобар пристап за справување со пандемијата и сите вакцини кои се одобрени не само од СЗО, туку и од другите авторитети, штитат во огромен процент од тежок тек на болеста ковид-19. Петличковски на оваа тема зборуваше на денешната трибина „Вакцинација и предизвици со ковид-19″ посочувајќи дека ова се основните податоци кои луѓето треба да ги имаат на ум кога размислуваат дали да се вакцинираат или не.
„Тоа што бројките се ниски, не е доказ дека епидемијата е завршена. Има некои обиди вирусот да се врати, веројатно не со таа сила која сме ја виделе неколку пати досега, но добрата покриеност ни нуди гаранција дека индивидуите нема да имаат тешки компликации“, порача Петличковски појаснувајќи нема вакцина без несакани ефекти.
„Тие приказни за несакани ефекти поврзани со различни вакцини одеа циклично. Кога некоја вакцина ќе станеше популарна се поврзуваше со комплетно неосновани приказни, но на овие милиони покриени жители со вакцини кога ќе ги сумираме бројките гледаме дека се работи за исклучително ретки случаи. Од почеток досега важи максимата дека најдобра вакцина е онаа што ни е достапна“, додаде директорот на Институтот за имунологија.
-Достапните вакцини да ги користиме за да се вратиме што поскоро во нормала- апелираше Петличковски.
На денешната трибина која ја организираше Министерството за здравство тој порача дека сега имаме период од неколку месеци во кои може да се заврши многу работа, за да се справиме подобро со новиот бран наесен.
В. Ми