Тато го нема, како без една рака сум, како птица со скршено крило – Билјана Јаневска прогласена за прва придружничка на светскиот избор за Мис туризам – ММС
ММС

Објавено на: 06/28/21 10:37 AM

Тато го нема, како без една рака сум, како птица со скршено крило – Билјана Јаневска прогласена за прва придружничка на светскиот избор за Мис туризам

Манекенката Билјана Јаневска триумфално ја зграпчи шансата да ја претстави земјава најдобро што може во меѓународниот свет на модата и убавината. Таа беше прогласена за прва придружничка на светскиот избор за Мис туризам кој  се организираше во Јамајка. И покрај првичните планови изборот да се одржи со физичко присуство, организаторите ја променија идејата и овој избор се одржа виртуелно, а Јаневска освен наградата за прва придружничка, ги доби наградите и за најдобар изглед и за најдобар костим за капење.

Овој свој успех таа му го посвети на својот татко, кој го загуби пред девет месеци. Во емотивната исповед за Македонски медиа сервис убавицата сподели дека иако е среќна, срцето и’ плаче бидејќи нејзиниот татко не е до неа.

„Добив три награди, а процесот до прогласувањето беше долг бидејќи имаше 20 земји учеснички. Од секоја земја имаше и машки и женски претставник, но од кај нас бев само јас. Главниот момент на прогласување на наградите беше на полноќ саботата кон неделата, но поради технички проблеми тоа се одолговлечи и јас искрено, заспав“, раскажа Јаневска за ММС која вчера во утринските часови дознала дека е прва придружничка, но како што вели, се’ уште е во шок.

„Поради пандемијата натпреварот беше виртуелен и се гласаше со лајкови, но имаше и жири од Јамајка. Јас добив многу голема поддршка, а гласаа и луѓето од дијаспората, кои ме бодреа од почеток до крај“, додава Јаневска.

Сепак, таа со солзи во очите искрено кажа дека душата и’ се кине бидејќи на својот татко не може да му каже дека сонот и’ се остварил.

„Знам дека ме гледа од горе, секоја вечер го сонувам. Тој ме чува и отсекогаш знаеше колку се соживував со ова мое хоби. Знаеше дека живеам за да ги исполнам своите соништа, но сега кога го доживеав ова јас без него не сум комплетна“, искрена е Јаневска која вели дека со својата мајка функционираат како една целина.

„Мојата мајка е благородна жена, таа е цврста и е моја најголема поддршка. Во животот имав повеќе падови, но никогаш немаше да станам ако таа не ме кренеше“, додава Билјана.

Со разговорот ја вративме назад во времето, кога влегла во модниот свет. Ни раскажа дека на првата ревија имала само 13 години и уште од тогаш и’ се вродила желбата да се занимава со манекенство, но и со фотомоделство.

„Татко ми беше толку горд и едвај чекаше да излезе весникот, кога ќе ме имаше на некоја насловна страна. Се сеќавам дека многу плачев од возбуда тогаш, а изразот на лицето на татко ми беше бесценет. Посакувам времето да се врати назад кога трчав безгрижно држејќи ги и мама и тато за рака. Сега едната рака ја нема и се чувствувам како птица со скршено крило“, искрена е Билјана.

Според неа, успехот не може да се постигне кога некој е под притисок. За разлика од тоа кога една личност има слобода вели таа, светот и’ е на дланка.

Мисицата во разговорот за ММС се потсети дека уште како дете нејзините родители верувале во неа, ја воспитувале патријархално, но без предрасуди. Татината миленичка која не’ претставуваше на интернационален избор за Мис и зимава, а паралелно работи и со својата диплома како магистер по екологија, планира во следниот период да здивне и одмори, бидејќи како што вели, изминатата година и’ била најтешка досега.

„Татко ми беше прекрасен и шеговит човек, беше мој најдобар другар. Со него бев поповрзана отколку со мајка ми, но сега двете заедно сме помоќни. Тој почина од мозочен удар. Човекот беше здрав прав, но се затвори во себе и почна да не излегува од дома. Тоа негово заминување беше сурово, мачно и тажно. Лежеше во болница која беше ковид центар и немавме можност да го видиме. Еден ден дознавме дека починал“, вели Билјана. Токму поради тоа што на ваков начин сфатила колку е животот непредвидлив таа им порачува на сите да се сакаат и да простуваат.

„Времето не’ учи како да живееме со луѓето кои сме ги загубиле. Татко ми ќе биде непрежален, тој заслужил да го споменуваме. Затоа на сите им апелирам да го живеаат секој ден како да  е последен, да сфатат дека сите прават грешки и да простуваат, пред се’ поради себе“, смета Биле.

Сепак, проектите во светот на модата за неа се хоби, па и покрај многуте понуди за соработка вели дека ќе паузира, а ќе се посвети на својот професионален ангажман во Јавното претпријатие „Дрисла“.

„Пред мене е нов и долг пат“, додава таа се’ уште сумирајќи ги импресиите од учеството на неодамнешниот интернационален избор за Мис туризам.

На настанот таа учествувала со партиципација која ја платил нејзин анонимен обожавател и вели дека неговото име никогаш нема да го дознае, но секогаш ќе му биде благодарна. Претходно дваесет и деветгодишната скопјанка учествуваше на ваков сличен виртуелен натпревар организиран од Малезија, а за чии потреби таа снимаше видеа претставувајќи ги македонските природни убавини.

 

Вања Мицевска